СП Катар 2022: Минимална победа на Швајцарија против Камерун

Во средбата од првото коло од Групата Г на Светското фудбалско првенство во Катар во четвртокот Швајцарија на стадионот „Ал Џануб“ го совлада Камерун со 1:0 (0:0).

Стрелец на победничкиот победник беше во 48 минута швајцарскиот репрезентативец Брел Емболо, роден токму во Камерун, поради што без големо одушевување го одбележа својот прв погодок на мундијалите.

Иако Швајцарците имаа поголем посед на топката, во отворената игра во првото полувреме само Камерунците се закануваа. Првата шанса Камерун ја имаше во 10 минута кога Мбеумо мина по левата страна и потоа шутираше откосо кон голот, но Зомер успеа да одбие а на топката потоа налета Ток-Екамби но шутираше многу непрецизно.

Новиот обид за водство на Камерун беше во 30 минута, повторно се закани Токо-Екамби но Зомер го скроти неговиот шут. Само четири минути подоцна Хонгла нафрли од десната страна во петерецот кон Токо-Екамби, но Видмер во последен момент ја исфрли топката пред противничкиот напаѓач.

Швајцарија во последните моменти од првиот дел двапати се закани по нафрлувања од корнер, но ниту Елведи во 40 ниту Аканџи во судиското продолжение не беа прецизни во нивните обиди со глава.

Но тоа беше навестување за погодокот кој дојде на самиот почетокот од вториот дел. Фрулер во 48 минута го проигра Шаќири на десната страна, следеше ниско нафрлување на седум метри од камерунскиот гол каде без чувар остана Емболо и ја погоди мрежата.

Камерун беше блиску до израмнување во 57 минута кога Чупо-Мотинг мина по десната страна и очекувајќи помош од соиграчите сепак на крајот дојде преблизу до Зомер кој без проблеми го покри поблискиот агол и го сврти во корнер обидот на камерунскиот напаѓач.

Голема шанса за зголемување на предноста Швајцарија пропушти во 66 минута кога Видмар одлични се проби по десното крило и ја испрати топката за шут на Варгас но со врвна одбрана се истакна Онама.

Иако имаше негативен резултат, Камерун во завршницата од дуелот не успеваше да ја пресели играта на противничката половина, а Швајцарија во петтата минута од судиското продолжение на мечот имаше стопроцентна шанса за удвојување на водството. Сеферовиќ влезе во шеснаесетникот, се ослободи од чуварите но неговиот удар заврши во Кастаљето.

Во оваа група со почетокот од 20 часот денеска ќе се соочат селекциите на Бразил и на Србија.