СП Катар 2022: На супериорниот Бразил му беше доволно полувреме за четвртфиналето

Бразилската фудбалска селекција очекувано без поголеми проблеми се пласираше во четвртфиналето на Светското првенство во Катар каде во петок ќе се соочи со Хрватаска, откако во понеделникот вечерта на стадионот „974“ во осминафиналето ја совлада со 4:1 (4:0) репрезентацијата на Јужна Кореја.

За разлика од сите досегашни дуели во Катар кои Бразил ги доби во вториот дел, во мечот со Корејците сѐ беше решено во првите половина час. Стрелци за „Селекао“ беа Винициус во 7, Нејмар во 13 од пенал, Ришарлисон во 29 и Пакета во 36 минута, а во продолжението Сеунг Хо Паик во 76 минута со прекрасен погодок го ублажи поразот на Јужна Кореја.

Првото полувреме го донесе едно од најдобрите изданија на бразилската селекција последниот период, а можеби и најдоброто во последните три децении поради супериорноста над противникот. Разиграните и инспирирани Бразилци од самиот почетокот го опседнуваа голот на противникот, а корејскиот голман може да биде среќен што само четирите удари завршија зад неговиот грб. По поразот од Камерун во последното коло од фазата по групи кој не решаваше ништо, селекторот Тите на теренот го изведе најсилниот состав, предводен од закрепнатиот капитен Нејмар.

Бразилскиот танц започна во 7 минута кога нафрлувањето на Рафиња го најде осамениот Винисиус на спротивната страна, а напаѓачот на мадридски Реал го погоди прецизно самиот спротивен агол од противничкиот гол. Шест минута подоцна Ришарлисон беше соборен во шеснаесетникот од Ву Јоунг Џунг, а Нејмар го удвои водството од пенал.

Соочени со големо заостанување и целосно надиграни по само 13 минута, Корејците се отворија сосема па Ин-Беом Хванг во 17 минута го гаѓаше самиот горен агол од бразилскиот гол но Алисон чудесно одбрани.

Во 29 минута Бразилците ја одиграа најубавата акција воопшто досега на мундијалот, одиграна „на прва“. Почна со виртуозната минијатура на Ришарлисон пред шеснаесетникот на противникот, одиграно беше двојно додавање со Тијаго Силва, по што Ришарлисон изби сам пред голманот и неодбранливо го погоди долниот агол за 3:0. Во прославувањето на овој погодок тогаш учествуваа сите од тимот на Бразил, вклучително и селекторот Тите кој и самиот тенцуваше во ритамот на самбата.

Во 36 минута следеше уште една атрактивна акција на Бразилците којашто луцидно ја заврши Пакета.

Во вториот дел Бразилците го намалија темпото, а Корејците тргнаа да изборат чесно простување од пренството. Хеунг Мин Сон на почетокот од вториот дел добро шутираше во десната страна на бразилскиот гол, но Алисон докажа дека има одличен рефлекс и го одбрани овој обид. На спротивната страна корејскиот голман С.Ким првпат впиша интервенција на мечот, но одлична и спречи погодок на Рафиња кој претходно одлично ги предрибла двата корејски бека. Ким во продолжението имаше уште неколку одлични одбрани.

Смелите Корејци вториот дел го одиграа без комплекси и без страв дека ќе доживеат уште поубедлив пораз, и за тоа беа наградени со убав погодок во 76 минута. Сеун Хо Паик дојде до една одбиена топка и од над 20-ина метри го погоди самиот агол од бразилскиот гол.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.