СП Катар 2022: Реми на Мексико и Полска, Очоа му одбрани пенал на Левандовски

Фудбалерите на Мексико и Полска ги отворија своите настапи на Светското првенство во Катар со реми во рамките на Групата Ц, откако нивниот меѓусебен дуел во вторникот заврши без погодоци.

Иако натпреварот заврши без да се затресат мрежите, тоа беше дуел со голем интензитет и повеќе добри шанси за погодок, особено од страна на Мексико кој беше значително подобра екипа во текот на целиот меч. Но најдобрата шанса ја припушти Полска, откако во воведниот дел од второто полувреме ударот на нејзиниот капитен и најдобар стрелец Роберт Левандовски до најстрога казна го одбрани противничкиот капитен меѓу стативите Гиљерме Очоа.

Од самиот почеток играчите на двете селекции заиграа жестоко и остро, а особено силен ритам на мечот му даваа Мексиканците кои и први се заканија. Веќе во 5 минута Вега имаше шанса, но не реагираше најприсебно пред полскиот гол. Следната добра шанса повторно ја имаа Мексиканците во 26 минута, и повторно во фокусот беше Вега. Шутираше со глава, топката во висок лак паѓаше кон голот на Полска, но сепак мина крај стативата.

Полјаците во текот на првото полувреме ја загубија борбата на средината од теренот, а се закануваат исклучиво преку противнападите. Но во текот на сите први 45 минута полските напаѓачи ниеднаш сериозно не го загрозија Очоа, а Левандовски беше целосно отсечен во нападот.

Мексиканците посебно го притиснаа противникот во вториот дел од првото полувреме, и речиси цело време се играше на полската половина од теренот. Одличниот Лозано беше најголемата закана за голот на Шчечни, а до одморот се заканија и Гаљардо и Санчез.

Второто полувреме започна со малку послаб ритам, а ерупцијата на трибините беше предизвикана во 55 минута. Мексиканската одбрана згреши во проигрувањата пред својот шеснаесетник и Левандовски се најде во казнетиот простор во борба со Морено. Мексиканецот го влечеше полскиот напаѓач и откако ВАР-от ја провери ситуацијата судијата Бит досуди пенал. На трибините полските навивачи беа одушевени и очекуваа водство, кое во вакви тврди дуели може да биде и решавачки. Но Очоа го прочита Левандовски и не дозволи да биде совладан, што предизвика знак за ерупција од одушевување на бројните мексикански навивачи на стадионот.

Следните десетина минути Мексиканците ги одиграа во транс, и во тој период прво Алварез во 65 минута шутираше а Мартин со глава ја допре топката но Шчечни реагираше добро. Мексиканците имаа уште два потенцијално опасни напада, но не успеаја да ги реализираат. До крајот на мечот секоја од селекциите имаше по уште една шанса, но на крајот останаа почетните 0:0.

Претходно во вторникот во истата група се случи една од најголемите сензации на светските првенства, Саудиска Арабија со пресврт со 2:1 ја совлада фаворизираната Аргентина, предводена од Лионел Меси.

По првото коло на табелата води Саудиска Арабија со три бода, а по еден имаат Мексико и Полска, додека Аргентина го започна мундијалот без бодови. Второто коло од оваа група се игра на 26-ти ноември, а се среќаваат Полска и Саудиска Арабија во 14 часот, и Аргентина и Мексико од 20 часот.