SpaceX ја лансираше втората ракета за три дена

198
© AP Photo/John Raoux

Американската приватна компанија за вселенски истражувања SpaceX во неделата го изведе второто од двете лансирања на ракети во само три дена, и двете успешно ги завршиле мисиите со сигурно слетување на Земјата.

Ракетата од моделот „Falcon 9“ на SpaceX успешно е лансирана со десет сателити во орбитата за компанијата „Iridium NEXT“ од воздухопловната база Ванденбер во американската сојузна држава Калиформија, се наведува во соопштението на компанијата.

Како и во првото лансирање кое во петокот, исто така за потребите на компании во телекомуникацискиот сектор, беше извршено од Кејп Канаверал на Флорида, ракетата успешно се вратила на Земјата, слетувајќи на платформа која плута во морето.

Калифорниската компанија SpaceX, која ја основаше американскиот претприемач и милијардер Илон Маск, во март годинава прва започна да користи делумно рециклирана ракета за лансирање сателити во комерцијални цели.

Повеќекратното користење на ракетите се смета за клучното намалување на трошоците за патување во Вселената во периодот кога американската агенција за вселенски истражувања NASA се свртува кон приватните компании за да се ослободи од зависноста од Русија за префрлување на продукти а еден ден можеби и астронаути на Меѓународната вселенска станица (ISS).

Маск сака неговата компанија да биде првата којашто во својата понуда ќе има и туристички и научни патувања во Вселената.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.