Шпанија и Португалија со реми против аутсајдерите во осминафиналето

Фудбалските селекции на Шпанија и Португалија се пласираа во осминафиналето од Светското првенство во Русија од Групата Б, откако со голема доза на среќа ремизираа против аутсајдерите во групата Мароко односно Иран.

Шпанија со автогол дојде до второто израмнување 2:2 (1:1) против Мароко во Калининград, додека Португалија во Саранск одигра 1:1 со Иран (1:0), а Иранците по израмнувањето во последните моменти од мечот.

Шпанија и Португалија натпреварувањето во групата го завршија со по пет бодови, еден повеќе од третиот Иран, додека Мароко заврши на последното место со еден бод.

Драматично беше во завршниците и на двата дуела, Шпанија дојде до второто израмнување против Мароко по контроверзната одлука и прегледувањето на видео-снимката на Јаго Аспас во првата минута од судиското продолжение, додека Иран израмни од пенал во третата минута од судиското продолжение, исто така, по прегледување на ВАР системот поради играње со рака, а потоа не реализираше стопроцентна шанса.

Мароко двапати беше во водство со головите на Калид Бутаиб во 14 и Јусеф ел-Несири во 81 минута, но Шпанија израмни преку Иско во 19 и Аспас во 90+1 минута.

Шпанија, на којашто ѝ беше доволен бод за осминафиналето, доминираше во поседот на топката од првиот момент, но поради невнимателноста на искусниот тандем Иниеста и Рамос првиот гол го постигна Мароко. Иниеста ја остави топката за Рамос, но овој не ја прифати, а ова недоразбирање го искористи Бутаиб ја зема топката и се спушти кон Де Хеа кому му ја протна топката низ нозете, што беше првиот гол за Мароко на мундијалот. Но водството на Мароко не траеше долго, а шпанскиот капитен Иниеста многу брзо ја поправи својата невнимателност и заедно со Иско и Диего Коста одигра одлична комбинација по која Иниеста се проби по левата страна и потоа испрати повратна топка до Иско кој од пет метри ја тресе мрежата.

На почетокот од второто полувреме Мароко можеше да дојде до ново водство, кога Амбрат во 56 минута шутираше до 20-ина метри, но беше спречен од спојот на пречката и стативата. Тоа ги предупреди Шпанците кои потоа тргнаа порешително по вториот гол. Во 62 минута Иско шутираше од пет метри со глава, но овој обид Саис од гол-линијата го исфрли во корнер по кој и Пике се обиде со глава, но не беше прецизен. Сепак, по кусиот период на офанзивна игра, Шпанија се реши за посед на топката и очекување на крај на дуелот, но за таквиот пристап беше казнета во 81 минута. Мароко се избори за корнер, а двата негови резервни играчи одиграа за гол. Фаџр нафрли а ел-Несири скокна повеќе од Рамост и ја погоди мрежата зад немоќниот Де Хеа. За сепак да не зависи од исходот од мечот во Саранск, Шпанијаја спаси резервниот играч Јаго Аспас на почетокот од судиското продолжение. По комбинацијата од корнер, Карвахал нафрли на петте метри каде што Аспас со петица ја сврти во голот. Линискиот судија откако топката влезе во голот го крена знаменцето сигнализирајќи офсајд, но по прегледувањето на снимката судијата утврди дека Бусуфа бил поблиску до својот голман и погодокот беше признат.

Португалија, исто така, со реми против Иран се пласираше во осминафиналето. Голот за европскиот шампион, и тоа многу атрактивен го постигна Рикардо Кварезма во 45 минута, а израмни Карим Ансарифард од пенал во третата минута од судиското продолжение, а Кристијано Роналдо во 53 минута не реализираше пенал кој иако беше досуден по прегледување на видео снимката се чини беше досуден со контроверзна одлука. Роналдо во 81 минута доби жолт картон поради намерно удирање противнички играч, иако се чини дека друг играч за овој прекршок би добил директен црвен картон.

Португалците уште еднаш прикажаа неубедлива игра, но Иран и покрај желбата се покажа не доволно искусен и дорасната да го казни квалитетниот противник. Но, сепак, Иранците на кои им пласман натаму им носеше реми и победа на Мароко против Шпанија со два гола разлика или победа над Португалија со што ќе го елиминираа европскиот првак, имаа чиста шанса која една минута по израмнувањето не ја реализираше Карим Тареми.

Во осминафиналето Португалија ќе игра со Уругвај во Сочи, а следниот ден Шпанија во Москва ќе се соочи со Русија.