Шпанија повторно ќе го актуелизира своето барање за заедничка сувереност над Гибралтар откако Велика Британија на 29-ти март 2019 година ќе истапи од Европската унија, изјави во неделата шпанскиот премиер Педро Санчез, додавајќи дека Мадрид има поддршка од ЕУ во решавање на спорот кој трае три века.
Санчез оценува дека позицијата на Шпанија во однос на Гибралтар, кој е британска територија од 1713 година, значително е посилна по заклучувањето на договорот за излегувањето на Обединетото Кралство од ЕУ, бидејќи шпанската политика со тоа станува и политика на Унијата.
„Ќе го решиме спорот кој постои повеќе од 300 години“, изјави шпанскиот премиер.
На прашањето дали Шпанија ќе покрене разговори за заедничка сувереност над Гибралтар веднаш откако Велика Британија ќе ја напушти ЕУ на 29-ти март 2019 година, Санчез одговори дека неговата земја ќе „дискутира по сите прашања“.
Шпанија подолг период полага право врз сувереноста на Гибралтар чиишто жители на референдумот од 2002 година го отфрлија барањето на официјален Мадрид заедно со Лондон да ја споделува сувереноста на оваа територија.
Британската премиерка Тереза Меј во неделата порача дека „Гибралтар е британски“ и дека преговарајќи за брегзитот во полза на Британија тоа го сторила и за Гибралтар, но не сакаше да влегува во поединости.
На Гибралтар, кој е енклава со 30.000 жители на стратешки важниот поморски пат меѓу Европа и Африка, е сместена британска поморска база и британски аеродром.