Шпанска партија од крајната десница освои мандати на покраинските избори во Андалузија

Партијата од крајната десница Вокс (Vox) освои 12 мандати на покраинските избори во Андалузија, покажуваат првичните резултати, а станува збор за прв успех на крајната десница по враќањето на демократијата во Шпанија пред околу четири децении.

Првите резултати соопштени ноќта кон понеделникот по 87 отсто од обработениот избирачки материјал зборуваат дека најмногу места освоиле социјалистите PSOE, но не и мнозинство, бидејќи имаат 34 од вкупно 109-те места во покраинскиот парламент на Андалузија. Конзервативната Народна партија (PP) освоила 26 мандати, партијата од десниот центар Граѓани (Ciudadanos) – 20, а партијата на крајната левица Можеме (Podemos) освоила 17 мандати.

Партијата Вокс, којашто во кампањата се изјаснуваше против илегалната имиграција и за забрана на каталонските сепаратистички партии, потенцијално би можела да стане решавачката групација доколку одлучи да го поддржи сојузот меѓу Народната партија и Граѓани.

Неделните избори во Андалузија претставуваа тест за владејачките социјалисти кои летово се вратија на власт во Шпанија иако на последните неколку парламентарни избори бележеа надолен тренд, како и за десната опозиција пред изборите за Европскиот парламент во 2019 година, како и за парламентарните избори, коишто, исто така, се очекуваат следната година.