Шпанската влада одби да ја потврди новата власт на Каталонија

261

Шпанската влада одби во понеделникот да ја прифати новата регионална влада на Каталонија, бидејќи во неа се вклучени министри кои се обвинети за бунт и сеционизам против Шпанија, со што продолжува неизвесноста

Владата во Мадрид објави официјален документ во кој не ги потврдува предложените министри, и покрај тоа што на нив инсистира новиот претседател на Каталонија, Куим Тора.

„На Каталонија ѝ е потребна одржлива влада. Потребна ѝ е влада којашто го почитува законот и таква којашто е способна вистински да води дијалог. Каталонија мора да ги врати институциите во нормала. Се надевам дека наскоро ќе има таква влада во Каталонија“, рече шпанскиот премиер Маријано Рахој на конференција за претприемачи во северниот град Виго.

Мадрид со тоа продолжува директно да управува со покраината којашто произведува 19 отсто од стоките и услугите во Шпанија. Централната влада ја суспендираше автономијата на Каталонија ланскиот 27-ми октомври кога тамошниот парламент прогласи независност која не заживеа по резултатите од референдумот од 1-ви октомври кој го забрани Уставниот суд на Шпанија.

Тора во саботата потпиша именување на 13 министри, меѓу кои се Жорди Туруљ и Жозеп Руљ, притворени крај Мадрид, и Антони Комин и Луис Пуиг кои белгиските судови одбија да ги екстрадираат во Шпанија каде што сите се обвинети за бунт.

Сметајќи дека ќе ја надмине кризата, шпанската влада во декември распиша предвремени парламентарни избори во Каталонија, но повторно мнозинство од мандатите освоија партиите коишто се поборници на независноста. Тие и натаму за легално избран претседател го сметаат поранешниот челник на владата Карлес Пучдемон кој во Германија ја чека одлуката за екстрадирање.

Отако не можеа да го изгласаат, бидејќи шпанскиот суд оневозможи да раководи од далечина преки видеоврска, сепаратистите го избраа на оваа позиција Тора, кој во понеделникот ги посети каталонските функционери и политичари притворени крај Мадрид.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.