Спасени двајца странски државјани изгубени на Галичица

Планинската спасителна служба (ПСС), преку СВР-Охрид на 26 мај добиле дојава дека на територијата на Националниот парк „Галичица“ биле изгубени две лица, странски државјани.

Оперативниот центар на ПСС веднаш ги алармирал волонтерите, стапиле во контакт со изгубените и со помош на GPS координатите од нивниот мобилен телефон, ја одредиле нивната локација, на 1,5 километри југоисточно од Пештани, по што започнала акцијата за нивно безбедно извлекување.

Поради тешко пристапниот терен и густата вегетација на тимот му биле потребни два часа и 30 минути за пристап до лицата и уште околу два часа за нивна безбедна евакуација.

„Благодарение на проектот „Регионот Охридско Езеро – безбедна дестинација за авантуристички туризам”, уште една акција за спасување беше спроведена брзо и ефикасно“, велат оттаму.