Спасеновски и отец Доситеј на средба со Вартоломеј

Професорот на правниот факултет од Скопје, Александар Спаесновски и архимандритот од Бигорскиот манастир отец Доситеј имале средба со Вселенскиот патријарх Вартоломеј во Грција, објави Религија.мк.

Спасеновски бил гостин на дел од настаните што беа организирани за време на посетата на Вартоломеј на Грција, каде што и разговарале со Вселенскиот патријарх.

Како што објави Бигорскиот манастир, Спасеновски и Отец Доситеј му се заблагодариле на Патријархот за неговата грижа за Црквата и за историската и визионерска одлука со која ја призна каноничнста на МПЦ-ОА.

Професорот Спасеновски во изјава за американското радио „Флорида“ ја потенцирал благодарност до организаторите на овој настан за поканата да бидат дел од посетата на Вселенскиот Патријарх.

-За нас како луѓе кои за првпат имаат можност да се сретат со личности од Вселенската Патријаршија по историската одлука од 9 мај, овој настан претставува повод за да ја искажеме својата благодарност од историската одлука на Вселенската Патријаршија за признавање на канонскиот статус на нашата Црква… Конечно се надевам и дека ќе можеме да ги споделиме нашите очекувања дека финалето на овој историски процес којшто започна на 9 мај успешно ќе биде заокружен на 12 јуни, кога нашиот Архиепископ и нашите верници ќе имаат можност во седиштето на Вселенската Патријаршија да бидат дел од историскиот настан во кој заедно ќе сослужуваат нашиот Архиепископ Стефан и Вселенскиот Патријарх Вартоломеј, изјавил Спасеновски.

Отец Доситеј и проф. Александар разговарале и со Митрополитот на Касандрија г. Никодим, со Игуменот на Манастирот Влатадон Епископот Аморејски г. Никифор, со архонот на Вселенската Патријаршија г. Анастасиј Масторјани, со префектот на Халкидики г. Јанис Јоргос, со градоначалник на Неа Пропонтида г. Манолис Карас.

Инаку, Вартоломеј вчера попладне одржал поздравен говор на Универзитетот Аристотел во Солун на теолошката конференција организирана во негова чест. Притоа, сите учесници на конференцијата го поздравиле и му честитале за одлуката од 9 мај оваа година, со која тој ја прими Охридската Архиепископија во канонско и евхаристиско единство.

Вселенскиот патријар посетата на Грција ќе ја заврши со посета на Света Гора.

Во неговата програма беа вклучени повеќе манифестации во местата што ги посетува, а во Манастирот Вознесение Господово во Драма, Патријархот изврши трисагија за неодамна блаженоупокоениот Митрополит Драмски Павле.

Утре Патријархот заминува за Света Гора, каде што ќе посети и ќе богослужи во повеќе манастири, вклучувајќи го Соборниот храм на Протатонот во Кареја, ќелијата „Достојно ест“, Манастирот Ивирон, Великата Лавра, Каракал, Атонијадата и др.