Спасески: Компаниите веќе ги потпишуваат првите договори за даночно ослободување по инвестирање во спортска федерација

Директорот на АМС Марјан Спасески во рамки на денешниот увид во градежните активности во националната арена „Филип Втори“ изрази благодарност до владата за законските измени во рамките на спортот, како и за финансиите кои сега пристигнуваат поради тие измени во Агенција.

„Од игрите на среќа за трипати се зголеми буџетот на Агенцијата за млади и спорт, за наменски дотации за спортските федерации, согласно новиот закон, првата траша ја направивме со ракометната федерација на Македонија. Првпат во историјата на државата, влада преку АМС целосно ги покри трошоците за машката ракометна репрезентација за учество на едно светско првенство, тоа досега се нема случено, ракометната федерација изрази навистина големо задоволство. Потоа продолжи и со останатите федерации, досега ние преку 60 милиони денари, односно милион евра, имаме потрошено односно финансирано спортски федерации по новиот основ на игри на среќа по законот за игри на среќа и други забавни игри“, рече Спасески.

Се осврна и на даночното ослободување за фирмите доколу инвестираат во одредена федерација пари.

„Веќе ги потпишуваат првите договори компаниите, за да можат да ги искористат овие бенефити од даночно ослободување. Конкретно ако се финансира во одредена спортска федерација, се добива 40 проценти од пресметаниот износ на данок на добивка. На пример ако одредена компанија има добивка од еден милион евра, ако треба да плати на тоа 10 отсто данок на добивка, односно 100 илјади евра, да речеме во атлетската федерација на Македонија може да вложи 40 илјади евра, останатите 60.000 евра ќе ги плати на УЈП“,  додаде Спасески.