Пензионерите кои се на бесплатен туристички викенд во Берово, преку истоимениот владин проект, денес беа посетени од страна на министерот за труд и социјална политика, Диме Спасов, градоначалникот на Општина Берово, Драги Наџински и претседателот на Сојузот на здруженијата на пензионери, Драги Аргировски и пратеничката од Собранието на Република Македонија, Сузана Секуловска.
Преку овој проект, кој што беше дел од програмата на Владата на Република Македонија е и дел од ветувањата кои што ги дадовме на највозрасната категорија на грашани, проект кој што почнавме да го реализираме оваа 2015 година овозможивме вкупно 3.000 корисници на пензија да бидат дел од проектот Бесплатен туристички викенд во туристичките центри во Република Македонија односно на Охридското, Преспанското и Дојранското eзеро и во Берово и Крушево, со бесплатен превоз и два полни пансиони односно поаѓањето е во петок попладне, имаат вечера, полн пансион во сабота и потоа во недела доручек и ручек, рече Спасов.
За реализација на овој проект, како што истакна Спасов, обезбедени се и реализирани 10.000.000 денари, при што овој проект ќе продолжи да се реализира веќе следната година.
Би сакал да ги поттикнам сите корисници на пензија, да ги информирам дека се распишани јавните повици за аплицирање за бесплатен туристички викенд и за бесплатно бањско-климатска рекреација. Вкупно 5500 пензионери ќе можат во 2016 година да бидат дел од проектот бесплатна бањско климатска рекреација а 3000 пензионери дел од бесплатен туристички викенд односно вкупно 8.500 пензионери. Би сакал да ги повикам сите кои што се заинтересирани да аплицираат во филијалите на Фондот за пензинско инвалидско осигурување до крајот на месец септември, истакна Спасов.
Овој проект влијае и на развојот на на туристичките центри, во текот на пролетниот и есенскиот дел од годината, 3.000 аранжмани ќе ги добијат хотеските капацитети во туристичките центри во Република Македонија, а со текот на годините како ќе се зголемува интересот така ќе се зголемува и бројот на опфат на корисници на пензија кои што ќе бидат дел од од овој проект.
Претседателот на Сојузот на здруженија на пензионери Драги Аргировски истакна дека ова е уште еден проект кој е добро прифатен и постои голем интерес додека трае конкурсот за идната година. Градоначалникот Наџински изрази задоволство што Берово е дел од понудата во рамки на овој проект.