Спасов: Вишиот управен суд ги одби жалбите на Ременски

Вишиот управен суд ги одби жалбите на Ременски, незаконски разрешените директори на Центрите за социјални работи и други институции треба да се вратат на работните места.

Вишиот управен суд ги отфрли жалбите поднесени од страна на техничката министерка за труд и социјална политика Фросина Ременски против времените мерки со кои што се ставија вон сила незаконските разрешувања на досега 12 директори на Центри за социјални работи и други институции под Министерството за труд и социјална политика.

Заменик министерот за труд и социјална политика Диме Спасов, нагласи дека со тоа времените мерки донесени од Управниот суд стануваат правосилни.

Техничката министерка мора да ги испочитува решенијата за времени мерки донесени од страна на судот и да ги врати работите во поранешна состојба, односно да ги врати старите директори на своите работни места. За неизвршување на судска одлука Кривичниот законик предвидува кривична одговорност и поради тоа сметам дека мора да се испочитува одлуката на Управниот суд, односно да се испочитуваат решенијата за времени мерки, нагласи Спасов.

Инаку заменик министерот Диме Спасов денес беше во работна посета на Пештани, каде заедно со градоначалникот на Охрид, Никола Бакрачески пуштија во употреба нова детска градинка.