Спасов: За вработување даваме многу повеќе од тоа што предлага Заев

Предлозите што ги слушнавме од СДСМ се недоречени, недефинирани, без рокови, буџет, носители и целосен приказ.  Покрај тоа, СДСМ не ги следи случувањата и предлага нешто што веќе го имаме реализирано. Даваме многу повеќе за граѓаните од она што го предлага Заев.

Ова денеска го истакна министерот за труд и социјална политика Диме Спасов како реакција на прес-конференцијата на претседателот на СДСМ Зоран Заев.

„СДСМ зборува за вработување, а во деведесетите години отпушти од работа скоро 200 илјади работници. Владата на ВМРО-ДПМНЕ од 2006 година досега вработи над 100 илјади лица. Кога ја преземавме власта од СДСМ невработеноста беше 38 отсто, а сега е 28 проценти“, потенцира Спасов на попладневната прес-конференција во Владата.

За предлогот на СДСМ да се дава до 70 отсто од просечната плата за вработување на децата без родители, Спасов истакна дека Владата веќе ги вработила овие деца и оти тие имаат цела плата.

„Не само што им наоѓа работни места, туку Владата им обезбедува и станови. По напуштањето на домовите, добиваат 180 илјади денари и парична помош за студирање од 12 илјади денари или 24 илјади денари, како и многу други поволности“, рече Спасов.

СДСМ, додаде, предлага финансиска поддршка за фирмите кои вработуваат лица до 27 годишна возраст, а Владата веќе дава по 14 илјади денари за оваа цел.

За предлогот на СДСМ за финансиска поддршка за три месеци за стажирање на млади лица до 27 години, Спасов потсети дека Владата веќе ја реализира оваа мерка зашто се даваат 6.200 денари и досега има над илјада вработувања.

„СДСМ предлага парична поддршка во висина до 70 отсто од просечната месечна плата за период од една година за вработување инвалиди или околу 9 месечни просечни плати за вработување инвалиди. Владата на ВМРО-ДПМНЕ веќе дава од 20 до 40 просечни месечни плати за вработување инвалиди и плус ги ослободува од плаќање придонеси“, рече Спасов и потсети дека се даваат по 100 илјади денари за адаптација на работно место, за набавка на опрема до 200 просечни плати за заштитните друштва.

Министерот рече дека е во тек и вработувањето на 300 лица со инвалидност во јавната и државната администрација. Преку другите мерки од Оперативниот план за вработување што ги спроведува Владата, рече, досега се реализирани голем број вработувања. Субвенционирања на вработување има 4.807, на самовработување и формализација 5.798, обука кај познат работодавач 6.591, самовработување со кредитирање и кредитирање за отворање нови работни места 3.076,… Преку активните мерки за вработување досега се вработени над 30 илајди лица од кои најголем дел СДСМ ги остави без работа.

За предлогот за ДДВ викенд, потенцира Спасов, СДСМ нема да постигне ништо освен хаос и безредие, ќе прудуцира „хаос викенд“.