Спасовски – Брнз: Членството во НАТО и одлуката за преговори со ЕУ се признание за сработеното

22

Премиерот Оливер Спасовски денеска ја прими амбасадорката на Соединетите Американски Држави во Северна Македонија Кејт Мери Брнз, која на средбата ги пренесе честитките на нејзината земја за позитивната одлука на Брисел за почеток на преговорите за членство во ЕУ и за скорешно добивање полноправно членство во НАТО.

Одлуката на ЕУ и завршните чинови за полноправно членство во НАТО, рече на средбата амбасадорката Брнз, доаѓаат во многу тешки моменти за сите, но ја покажува посветеност на земјата да истрае во остварувањето на евроатлантските аспирации, и ја потврдува искрената и силна поддршка што на Република Северна Македонија ѝ ја даваат САД и ЕУ.

– Евроатлантското интегрирање на Северна Македонија е од стратешка важност за САД и ЕУ, и ќе овозможи да имаме уште поблиска соработка како сојузници во НАТО, се наведува во соопштението од владината прес-служба.

Спасовски на средбата се заблагодарил за честитките, и истакнал дека тоа се долгоочекувани остварувања на две стратешки прашања, кои, иако пристигнаа во тешко време, се признание за остварувањата на земјата, особено во последните три години.

– Двете одлуки се многу добра порака за сите во државата, но и за целиот регион. Се покажува дека тешките одлуки и важните реформи се почитуваат и вреднуваат. Беше потребна храброст и политичка визија за да се постигнат овие резултати. Владата предводена од Заев, навистина за многу краток период успеа да ги реши проблемите со соседите и да направи значајни домашни демократски реформи, рече Спасовски.

На средбата со амбасадорката Брнз премиерот Спасовски ја изразил неговата, како и благодарноста на Владата и на граѓаните на земјата за големата поддршка на САД во двата процеса.

– Сега имаме јасна перспектива и сигурна иднина за целата држава, подготвени сме да ги преземеме обврските како полноправна членка на НАТО. Се спремаме за преговори со ЕУ, сакаме да бидеме успешни и брзи. Преговорите се шанса да ги донесеме европските вредности дома и да ги реформираме нашите институции, што е од корист на сите граѓани, истакна на средбата Спасовски.

Стана збор и за менаџирањето на ситуацијата со коронавирусот. Спасовски рече дека Владата е во постојано заседание на таа тема и ги презема сите неопходни и  максимални напори, меѓу кои најголем приоритет е поддршката и зајакнување на здравствениот систем, за да се зачува здравјето и животот на граѓаните.

Амбасадорката Брнз на средбата упати честитки за тоа како Владата се справува со коронавирусот. Ја истакна комуникацијата на Владата за сите активности и мерки на оваа тема, како и транспарентноста и инклузивноста на донесување на одлуки.

Во таа насока, премиерот Спасовски нагласи дека воведувањето на вонредната состојба ѝ даде можност на Владата за поголема флексибилност и можности за креирање на решенија, и донесе поголема дисциплина во администрацијата и кај населението.

Истовремено, рече Спасовски, Владата е целосно посветена на обезбедување на поддршка за економијата и намалување на штетните економски ефекти од пандемијата и додаде оти се прават рестрикции и намалувања на сите непродуктивни трошоци во јавниот сектор, и ќе се даде голем пакет мерки за поддршка на приватниот сектор.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.