Спасовски доби признание за посебен придонес и поддршка од Сојузот на борците од НОАВМ

Денеска на министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски му беше врачена плакета од претседателот на Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна од 1941 – 1945, д-р Никола Стојановски, за посебен придонес и поддршка во остварувањето на целите и задачите на Сојузот на борците.

Изразувајќи огромна благодарност министерот Спасовски истакна дека  добиеното признание во предвечерјето на големиот празник, 11 Октомври, Денот на македонското народно востание претставува голема чест за него и е потврда на вредностите со кои е задоен и му се оставени во аманет за почитување, поддршка и негување на заложбите на Сојузот на борците од НОБ.

Од страна на претседателот на Сојузот на борците беше посочено дека Македонија треба да оди напред и треба да се направи се што треба за државата побргу да биде примена таму каде што сите очекуваме, а тоа е Европска унија.

„Секое Ваше обраќање е инспирација и мотивација, затоа што ако Вие мислите далекусежно со визија и мотивација, тогаш ние немаме право поинаку да мислиме, туку да се бориме сите заедно за тоа што го посакуваме“, истакна министерот за внатрешни работи Спасовски.

Притоа министерот Спасовски заедно со претседателот на Сојузот д-р Стојановски,  потпишаа Меморандум за соработка како потврда на заедничките заложби и интереси за унапредување на соработката во областа на планирањето, организирањето и реализацијата на позначајни настани, како и одбележувања на јубилеи од заеднички интерес.

Меморандумот е плод на потребата за посуштинска заедничка соработка чиј главен фокус е зајакнување на истата за работи од заеднички интерес базирани на продолжување  на достојното негување и почитување на историските придобивки на државата.

„Глобалните предизвици, пред кои сме исправени, налагаат оправдана потреба за постојано анализирање и согледување на правците на општествено движење, како и континуирана соработка и дискусија на сите општествени чинители во државата за тенденциите на институционалниот развој, за перспективите што постојат, а за кои е потребно повторно обединување и заедништво кон стремежот да бидеме онаму каде природно припаѓаме – дел од европското семејство. Токму искуствата, заложбите и идеите на Сојузот на борците, како основоположник на македонската држава, кој се залага државата да ја види во Европската Унија, претставуваат круцијални патокази за влогот кој треба да го дадеме – посветено и државнички – за да стане европскиот сон наша реалност час поскоро“, потенцираше министерот Спасовски, надополнувајќи дека согласно овој Меморандум ќе се формализира меѓусебната соработка и ќе се интензивираат заедничките средби согласно актуелната состојба.

Од страна на претседателот на Сојузот, д-р Стојановски, беше посочено дека на овој начин ќе се официјализира соработката меѓу Сојузот на борците од Народноослободителната и антифашистичка војна од 1941 – 1945 и МВР која и досега беше активна.

„Потпишувањето на Меморандумот овозможува официјализирање и  поедноставување на соработката во повеќе области од заеднички интерес, имајќи ја предвид меѓународната политичка состојба, како и внатрешната општествено-политичка и економска ситуација во која се наоѓа Република Северна Македонија, во насока кон достоинствено почитување на историјата со целокупните придобивки од неа што ги поседува државата“, истакна Стојановски.

Министерот Спасовски изрази уверување дека овој Меморандум ќе придонесе за уште подинамична меѓусебна соработка, доследно почитување на вредностите кои борците од Народноослободителната и антифашистичка војна од 1941 – 1945 ги поставија, а со тоа и ефикасно спроведување на зацртаните заеднички цели.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.