Спасовски и Гашиќ во Белград потпишаа Меморандум за олеснување на движењето на лица и стоки преку државната граница

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, во рамки на официјалната посета на Република Србија, како дел од владината делегација, заедно со својот хомолог, министерот за внатрешни работи на Република Србија, Братислав Гашиќ, потпишаа Меморандум за разбирање помеѓу Владата на Република Македонија и Владата на Република Србија за мерките за подобрување на движењето на лица и стоки преку заедничката државна граница.

Меморандумот кој беше потпишан веднаш по пленарната седница на Владите на двете земји, ќе го олесни движењето на лица и стоки преку државната граница, особено преку граничниот премин Табановце-Прешево, и ќе придонесе за намалување на гужвата на граничниот премин за време на туристичката сезона, што е во интерес на граѓаните на двете земји како и на сите кои го користат граничниот премин помеѓу Република  Македонија и Република Србија.

Министрите Спасовски и Гашиќ за време на билатералната средба го истакнаа значењето на пријателските односи на нашите две земји, кои интензивно ја следат и соработката на македонската и српската полиција, а потпишувањето на Меморандумот претставува ново поглавје во регионалната соработка и поврзувањето на нашите пријателски народи.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.