Спасовски и Османи се надеваат на компромис за датумот за избори

премиерот Оливер Спасовски и вицепремиерот Бујар Османи денеска изјавија дека треба да се постигне консензус за датумот за избори и тие да се одржат што е можно побрзо.

„Јас очекувам дека во рамките на тоа што ми е законска можност ќе има дијалог и преку дијалог ќе дојдеме до конечен ден за одржување на изборите, затоа што тоа е добро за државата“, изјави Спасовски.

Смета дека ситуацијата со ковид-19 е под контрола, а намалувањето на бројките сега зависи најмногу од тоа дали граѓаните ќе ги почитуваат мерките.

„Но, секој политички одговорен човек и секој политичар кога зборува за здравјето на граѓаните треба да има тоа предвид, сè што ќе преземе во политичка смисла да не го загрозува животот и здравјето заради тоа што слушам деновиве дека повикуваат разни лидери и викаат ’вака направете‘, ’пуштете ги мерките’… Нема додворување кон граѓаните за политички поени. Мора да бидеме принципиелни, а изборите да се одржат кога има најмногу услови“, рече Спасовски.

Премиерот порача и дека датумот на изборите е детерминиран со Уредбата која важи до завршување на вонредната состојба. Во моментот кога ќе заврши вонредната состојба, вели тој, за 22 дена треба да се одржат избори и тоа е фактичката состојбата.

Вицепремиерот од редовите на ДУИ, Бујар Османи, пак, е на став дека треба да постигне консензус и што побргу да се оди на избори.

„Ние бевме единствени кои не го оценивме епилогот од лидерската како неуспех, туку како почеток на дебатата за консензус за изборите, како и единствени кои не отидовме со калкулиран датум. Нашиот став е дека најважни се два фактори. Прво, ниту еден процес да не го загрози здравјето на граѓаните и второ да постигнеме консензус, бидејќи во услови на пандемија ако нешто граѓаните нема да сакаат тоа е ние да се караме за датумот на избори. Да ја задржиме максимално политичката усогласеност и да се обидеме со консензус што побргу да одиме на избори“, порача Османи.