Спасовски: Има пријава дека полициски службеници во Арачиново се однесувале недолично

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, денеска изјави дека нема пријава за тоа дека вооружена група синоќа набркала полицајци од пунктот во Арачиново. Спротивно на тоа, како што рече министерот, имало пријава дека полицајци во Арачиново се однесувале, како што вели тој, недолично.

– Досега немаме таква пријава, ниту од полициски службеници дека некој им се заканувал и ги избркал, а ниту од граѓани, иако има пријава во полициска станица за недолично однесување на полициските службеници кои што биле на пунктот, рече Спасовски како одговор на новинарско прашање.

Според министерот, пренагласено е дека имало закани со оружје и дека во МВР се работи на обезбедување службен материјал.

– Факт е дека се појавуваат многу информации во јавноста во изминатиот период на кои ќе мора да реагираме, наведе тој.

Од синоќа во медиумите излезе неофицијална информација дека полициска патрола била протерана од скопско Арачиново од вооружена група. Настанот не е потврден, затоа што не бил пријавен.

Подоцна за ова се огласи и ВМРО-ДПМНЕ.