Спасовски: Изборите да бидат фер и демократски-да покажеме дека сме европска демократија

Имаме историска одговорност да спроведеме избори кои доликуваат на земја членка на НАТО и на европска демократија – на земја која ја чекори последната фаза од членството во ЕУ. Предвремените парламентарни избори треба да бидат фер, демократски, со максимално почитување мерките за заштита против корона вирусот, порача премиерот Оливер Спасовски.

Спасовски на прес-конференцијата утрово во Владата, потенцира дека правото на граѓаните да го искористат своето право на глас, нема да го загрози нивото здравје.

Порача и дека не смее да има никакви злоупотреби во текот на изборниот процес, посебно не од страна на државните функционери.

Надлежните институции ќе добијат максимална поддршка и помош за организација и спроведување на изборите, дополни премиерот, напоменувајќи дека очекува професионална соработка меѓу Владата и Собранието и посебно од Државната изборна комисија (ДИК).

Премиерот уште еднаш повтори и дека изборите се решение да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза што е можно само со целосно фунцкионално институции

-Од денеска почнува кампањата за изборите на 15 јули. Изборите ќе бидат запамтени зашто ќе се одржат во услови на пандемија. Да си посакаме да ги памтиме и заради нивното успешно спроведување, да биде запишано дека се организирани и спроведени со максимална зашттиа на граѓаните, во фер и демократска атмосфера. Нашата држава се наоѓа во исклучително значаен период кога се очекува непречено фунцкинирање на институциите, а изборите се решение да излеземе успешно од оваа здравствена, социјална и економска криза. На нашата парламентарна демократија, но пред се на јавното здравје и на сите граѓани, потребно ни е ново, активно Собрание и целосно функционална Влада за да може да се носат со сите одлуки за менаџирање на кризата, подвлече Спасовски.

Според него, државата и институциите покажаа капацитет да се справуваат со коронавирусот, но следната фаза мора да биде спроведување изборен процес со максимална заштита на сите учесници.

-На 15 јули граѓаните согласно сите мерки за заштита граѓаните ќе го искористат правото на глас. Подготовките се веќе почнати, во тек се сите активности за да се обезбедат неопходните услови согласно протколите за безбедна кампања, за работа на ДИК, избирачките одбори и монитроингот. Правото на граѓаните да го искористат своето право на глас, нема да го загрози нивото здравје. Се повикувам на епидемиолозите кои потенцираат дека гласањето не ги изложува граѓаните на ризик ако ги почитуваат мерките. На гласаките места се задржуваме три до пет минути, поомалку од одење во маркет и на пазар, битно е да носиме маски и да држиме дистанца, рече Спасовски.

Тој уште еднаш истакна дека првпат организираме избори како земја членка на НАТО и земја кандидат во последната фаза за членство во ЕУ за која се подготвува преговарачка рамка.Тоа е, напомена, уште една мотивација повеќе за ангажман изборите да се органзиираат по сите европски стандарди.