Спасовски контра Заев: Бугарите не го ослободиле Куманово, туку македонските партизани

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски, запрашан во петокот да ги коментира контроверзните изјави на премиерот и негов партиски лидер Зоран Заев за бугарската новиснака агенција БГНес рече дека неговиот роден град Куманово го ослободиле македонските партизани.

„И моето Куманово е ослободено од македонските партизани на 11-ти ноември од борците против фашизмот и Македонија е ослободена од борците на Народно-ослободителната борба против фашизмот. Куманово многу години негува идеологија која значи борба за развој, демократија и посветла иднина, рече Спасовски.

Министерот ова го одговори запрашан за коментарот на Заев за изјавата во интервјуто дека „Имало некогаш некоја администрација, во тој момент, на почетокот, а потоа Бугарија се дига заедно со антифашизмот, се бори за слобода, за демократија и апсолутно е дал од антифашистичкиот фронт. Бугарски и македонски војски ослободуваат територии – Крива Паланка, Куманово, Скопје и во целиот овој дел“.

Спасовски повика да не се дозволи тоа што се случувало пред седум-осум децении да биде пречка за нашето одење напред, а историјата да се остави на историчарите и иднината да ја земеме во нашпи раце.

„Многу е важно уште еднаш да се повторат некои факти. Македонија ја оствари својата сувереност во АСНОМ-ска Македонија и нашата држава почива на антифашизмот. Европските народи се договорија да не заборават, меѓутоа и да си простат за да одат напред. Посебно треба да се истакне дека за македонскиот јазик и македонскиот идентитет никој не смее да разговара и преговара, бидејќи се работи за самоопределување“ повика Спасовски.

На едно од новинарските прашања рече дека МВР сериозно работи на говорот на омраза на социјалните мрежи, но не специјално за оној насочен кон Бугарија.

„Ние работиме сериозно во овој дел и во јакнење на нашите капацитети како човечки ресурси и материјални средства на откривање на комјутерскиот криминал, бидејќи најчесто говорот се шири на социјалните мрежи. Преземени се одредени дејствија на фејсбук-групи, но не специјално за ова што ни се случува со Бугарија, туку генерално на целиот говор на омраза“, додаде тој.

Со ваквата изјава Спасовски, наспроти актуелното раководство кое со соопштение застана зад ставовите на Заев, се придружи на критиките од поранешното раководство на СДСМ и видни членови на социјалдмократите кои поради скандалозната изјава на актуелниот партиски лидер, повикаа на негова оставка.

Долгогодишниот претседател на СДСМ, премиер и шеф на државата, Бранко Црвенковски, поранешната потпретседателка Ана Данева, некогашната претседателка на скопската организација Софија Куновска, секретарот на партијата од 2003 до 2005, Андреј Петров, Наташа Савова, поранешната министерка за надворешни работи Илинка Митрева со децидни изјави во јавноста се оградија од ставовите на Зоран Заев и побараа итно свикување на партиските тела.

„Направена е огромна и непоправлива штета. Она што може и мора да се направи е да се стави јасно на знаење дека ставовите на Заев не се ниту ставови на целата Влада, ниту на целиот државен врв. Зоран Заев е претседател на СДСМ и наша е задачата да ја намалиме штетата колку што е можно повеќе. Ако нема никаква реакција, ставовите на Заев ќе станат ставови застапувани од целиот СДСМ, а бидете убедени тоа ќе има катастрофални последици по партијата и што е уште полошо по државата.

Затоа, повикувам под итно да се свика Централниот одбор на партијата и на таа седница да се донесе заклучок дека искажаните ставови на Заев не се ставови ниту на ЦО ниту на СДСМ во целина. Да се реафирмираат уште еднаш ставовите на СДСМ за македонскиот национален идентитет, македонскиот јазик, македонската историја, карактерот на антифашистичката борба и АСНОМ“, напиша во обраќањето Црквенковски.

„Ставовите на Заев се завршниот удар што тој ѝ го задава на Македонија. Почна од Преспа и промената на името на нашата држава, а сега посегна по идентитетот, јазикот и историјата – по ноторни историски факти, фашистичката окупација на Македонија. Капитулираше пред најголемиот напад со кој се соочила Македонија од почетокот на нејзиното постоење: уцени, притисоци и барања што задираат во темелите на македонската нација, вели професорката Илинка Митрева, поранешен висок функционер на СДСМ и министерка за надворешни работи, како реакција на интервјуто на премиерот Зоран Заев за агенцијата БГНЕС.

Митрева за интервјуто на Заев остро порача дека „нема простор за дообјаснувања, туки има простор за вонреден конгрес“ во СДСМ/

„Евроинтеграциите биле и ќе бидат наша трајна државна заложба, но не по цената што е спремен да ја плати премиерот. Време е Заев да се соочи со судот на јавноста. Нема простор за политички манипулации и дообјаснувања во СДСМ, нема простор за амнестија. Но, има простор за вонреден конгрес“, рече Митрева.

 

Дека Заев и неговите најблиски соработници, треба веднаш да заминат од партијата и од фунцијата премиер, смета и поранешната функционерка на СДСМ и пратеничка Софија Куновска.

„Оваа карикатура од премиер е најсрамотната презентација на нашата држава, на меѓународна сцена, за која паметиме“, вели Куновска.

Да се запраша „во што се претворив“, му порача на Заев и професорката Ана Павловска Данева, исто така, поранешен влијателен член на социјалдемократите.

„Кога премиерот јавно извршува сквернавење на гробовите на нашите претци, чесно е за сите нас кои сме членови на СДСМ да ни кажат дали зад овие негови ставови стои Извршниот и Централниот одобор на партијата“, пишува на фејсбук Наташа Савова.

 

„Вили Брант клекна пред жртвите на варшавското гето и побара прошка од Полска, а не да ја смени историјата“, потсетува некогашниот партиски секретар и градонмачалник од СДСМ на скопската општина Карпош, Андреј Петров.

Од СДСМ единствено одговорија на повикот на Црвенковски и му порачаа дека „Заев е иднината, а тој е историја“.