Спасовски: МВР нема вина за Груевски, одговорноста е кај судиите

Министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски не размислува за оставка откако полицијата направи неколку безуспешни обиди да го пронајде осудениот екс-премиер Груевски. Спасовски вината што Груевски стана недостапен за органите на прогонот ја гледа кај судската власт.

„Одговорноста барајте ја кај судиите кои не одредиле мерка притвор за човек кој е осомничен за повеќе кривични дела“, рече Спасовски додавајќи дека полицијата работи врз основа на судските наредби.

Размислувам во однос на одговорноста на оние на кои им одредуваат притвор на лицата за кои постои опасност да избегаат. Ги пуштаат слободно да се движат низ државата, слободно да ги обавуваат сите работи кои ги обавуваат и на крај кога се носи пресудата тие не се во притвор за да можат да бидат обезбедени, иако се со повеќе кривични дела. Притвор се одредува за случаи на разбојништво и тешки кражби, а за потешки случаи не се одредува. Полицијата работи исклучиво по наредбите кои ги издава судот и таа без наредба не може да следи кого било и постојано да биде присутна со него, околу него само поради тоа што се води судска постапка против него – рече Спасовски.