Спасовски на маалски средби ја бара Јанева?!

Случајот „Рекет“ и покрај сите обиди за релативизирање и оградување од страна на власта, недвосмислено силно ја затресе власта, а првиот полицаец Оливер Спасовски, невообичаено за големи случаи во кои се инволвирани крупни играчи, веќе неколку дена ја ескивира јавноста.

Спасовски, односно Министерството за внатрешни работи, веќе трет ден не возврати со никаков одговор на прашањата на НетПрес во врска со споменатиот раширен случај на рекетирање на македонските бизнисмени. И тоа, каков е лично ставот на министерот Оливер Спасовски за инволвираноста на шефицата на Специјалното јавно обвинителство, Катица Јанева, како и за тоа какво бил ангажманот на неговиот ресор во овој случај, кои мерки биле спроведувани и дали тие и натаму се спроведуваат против други осомничени.

Секако, доколку случајно во ваквиот скандал клучни играчи беа лица од или блиски на опозицијата, ќе бевме сведоци на триумфалистичка детална конференција за медиумите со Спасовски во главната улога. Но, кога станува за криминално дејание во кое се осомничени неговите сопартијци од владејачката СДСМ, министерот ќе замине во Кочани, на тамошните земјоделци да им објасни што за нави направила власта.

И само преку селектираните медиуми Спасовски случајот „Рекет“ ќе рече дека полицијата постапува според насоките добиени од Јавното обвинителство за гонење организиран и сериозен криминал. Ќе ги повика граѓаните да ги пријавуваат сите случаи на корупција за да можеле истражните органи да преземаат соодветни мерки.

Меѓутоа, Спасовски ја одбегнува јавноста, бидејќи ќе му биде поставено прашањето дали полицијата има сознанија каде се наоѓа Јанева во моментов, којашто во најмала рака како сведок треба даде изјава за случајот во кој во притвор се наоѓаат веќе две лица за кои се знае дека одржувале контакт со неа. Истото важи и во случаите кога ќе треба да ги појасни сознанијата на полицијата за инволвираноста на неговите сопартијци, од кои некои како што гледаме отпатувале во странство.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.