Спасовски не го повлекува барањето за разрешување на Мизрахи, бара ново име од ВМРО-ДПМНЕ

Премиерот Спасовски чека од ВМРО ДПМНЕ нов кандидат за министер за труд и социјала, откако вчера предложи Рашела Мизрахи да се разреши, поради тоа што не го почитувала Уставот на државата и држела прес конференции пред таблата со старото уставно име. Спасовски уште и предложи на опозицијата идниот министер да биде некој од осумте исклучени пратеници од ВМРО ДПМНЕ, кои гласаа за протоколот на НАТО и за Северна Македонија.

„Очекувам дека опозицијата ќе биде мудра и дека ќе даде кандидат што го почитува Уставот и законите. На пример, еден од пратениците кои гласаа за Северна Македонија и Протоколот за НАТО, како можно решение. Одлуката е нивна, кого сакаат нека предложат, јас ќе го прифатам“, – Оливер Спасовски – Премиер на техничка Влада.

ВМРО-ДПМНЕ нема да предложи нов кандидат. Рашела Мизрахи останува во техничката Влада, велат од опозицијата. Не очекуваат дека министерката ќе биде разрешена. А, на Премиерот Спасовски му порачаа наместо со Мизрахи да се позанимава со министрите од СДСМ.

„Навистина е многу смешно да се обидат да ја сменат заради една ставена картонска табла во министерството. Министерка која што си ја тера својата работа професионално, а од друга страна гледаме дека нивни министри се вмешани во милионски скандали но обвинителството се уште молчи. Апсолутно тоа не треба да дојде како тема на муабет наш предлог и министер од ВМРО ДПМНЕ е Рашела Мизрахи“, – Димче Арсовски – Портпарол на ВМРО-ДПМНЕ.

Министерката пак втор ден молчи за предлогот за нејзиното разрешување. Според информациите од нејзиниот кабинет таа се уште го нема добиено документот за разрешување од страна на Премиерот Спасовски.

Од владејачката СДСМ денеска ја обвинија Мизрахи дека го одбила предлогот да се зголеми опфатот на стечајни работници кои ќе добиваат месечен надомест до пензионирање и со тоа докажала дека функцијата ја извршува само за партиски цели. Од Унијата на жени на ВМРО ДПМНЕ пак го обвинија Премиерот дека го избрал најлесното решение да удри по жена.