Спасовски: Од утре ќе воведеме мерки секој кој нема да биде во самоизолација де се носи во центри за карантин

Премиерот Оливер Спасовски во вечерашното гостување во емисијата Вин-вин на ТВ Телма, најави дека најверојатно утре ќе се донесат мерки со кои секој оној што не ја почитува наредбата за домашна изолација, автоматски да биде префрлен во центрите за карантин и повторно апелираше до граѓаните да ги почитуваат мерките што им се наложени.

– Имаме два типа на самоизолација – со решение за здравствен надзор лица кои се директно во контакт со лице со коронавирус и нив ги посетуваат патролни служби. Има неколку случаи каде што не се почитува решението за изолација и на нив веќе им се изречени парични казни. За затвор се уште нема. И луѓето кои се враќаат од државите со среден и висок ризок потпишуваат изјава дека ќе се држат до самоизолација. Најверојатно утре ќе донесеме одлука дека оние кои нема да бидат во самоизолација, а мора да бидат, при проверка ќе ги носиме во центрите за изолација. Затоа мојот апел е тоа што треба да го испочитуваат, да го испочитуваат, рече Спасовски.

Потврди и дека капацитетите и на полицијата и на Армијата сега со вонредната состојба се ставени во функција комплетно и врз основа на тоа се подготвува план за подготвување и на едните и на другите.

Како дел од мерките за спречување на ширење на вирусот, Спасовски соопшти и дека Водно од утре ќе се затвори за граѓаните од 18 часот до 6 часот наутро за да се спречи собирање на граѓани и додаде дека ќе се испитуваат информациите за изнајмување на куќи во неколку скопски населби како и на договорите за издавање.

Истакна автошколите да не вршат ниту обуки, ниту полагање, а супермаркетите и аптеките да имаат редарска служба што ќе дозволува влез на луѓе во објектот, два метри да има раздалеченост на луѓето што ќе бидат внатре.

Спасовски повтори дека Владата морала да ја донесе најтешката одлука за вонредна состојба и тоа е првпат од самостојноста на земјава и, како што рече, е апсолутно голема одговорност.

– Навистина треба да се однесуваме на висина на одговорноста. Мораме да покажеме со конкретни чекори на дело. Сите институции функционираат како што треба со меѓусебна комуникација. Тоа беше и пред и сега по прогласувањето на вонредната состојба. Треба да се покаже единство, висок степен на одговорност, рече премиерот.

Во врска со одложувањето на изборите, Спасовски истакна дека вонредната состојба налага носење брзи и ефикасни законски уредби и се прават анализи кој е најсоодветниот правен лек за одложување на изборите.

– Се прават анализи кој е најсоодветниот правен механизам за да дојдеме до одложување на изборите, бидејќи ние ја имаме политичката волја од лидерите на политичките партии дека треба да се одложат изборите и јас очекувам дека многу скоро, за кратко време ќе се донесе таа одлука и со тоа практично да ги отстраниме и тие бариери што ќе значат не само намалување на трошоците и продолжување со работа на ДИК, туку едноставно да ги намалиме и обврските во тој поглед и да се насочиме исклучиво кон проблемите предизвикани со коронавирусот. Јасно е дека нема да има избори бидејќи тоа е волјата на сите политички субјекти. Меѓутоа, вие мора да најдете правен механизам како тоа да го прекинете. И тука е клучната работа, рече Спасовски.

Рече и дека на седница на Влада донеле неколку уредби од Министерството за правда – одлагање на испити за извршители, нотари и се во функција за да се испочитуваат мерките на Владата да нема собирања, групирања на луѓе, а на тој начин, како што кажа, пак и да го прекинеме рокот што е ставен во законите и на тој начин да овозможиме да продолжат кога ќе прекинат условите во вонредната состојба.

– Сите аспекти ги анализираме и посебно во делот на  економијата и економските мерки. Денеска започнавме со носење на првите уредби, во наредниот период ќе се носат уредбите и во делот на економските мерки во делот на одредени ограничувања, меѓутоа во овој момент се уште не се подготвува ребаланс на Буџетот. Се прават деталните анализи заради тоа што навистина Буџетот беше сериозно ликвиден, имавме добри, зголемени приходи во споредба со минатата година во овој временски период. Службите се сите ставени во функција и ги прават сите потребни анализи се со цел тоа што треба да се помогне секој еден сектор, пред се сакам да истакнам дека и здравството, и полицијата и Армијата, оние коишто се на браникот во борбата против вирусот и на нив мора да им помогнеме сериозно и во тој дел да се подготви. Кога ќе има потреба ќе се подготви ребалансот и тој ќе се донесе, посочи Спасовски.

Тој посочи дека во однос на универзитетите наставниот процес е прекинат.  – Немаме можност по закон да имаме онлајн настава што ќе биде признаена. Таму е поделикатно прашањето со испитните сесии. Треба да се подготват уредбите со кои ќе се направат измени. Ќе се носат одлуки за да бидеме заштитени и ние и студентите и образовниот систем, рече тој.

На прашањето колкав може да достигне бројот на заразени, Спасовски рече дека никој не може да направи реални проценки.

– Епидемиолозите и сите оние кои работат во здравствениот систем прават скрининг на секој поединечен случај и врз основа на тоа се издаваат конкретни мерки. Во Дебар практично брачниот пар што се врати од Италија никој од 12-те во комбето не беа заразени. И во Скопје како потенцијална можност да се разнесе локалната трансмисија луѓето се ставени во изолација. Многу е важно колку сите ние ќе се придржуваме кон мерките на Владата. Само со почитување на тие мерки нема да дозволиме прогресија и ширење на коронавирусот, рече тој.