Спасовски: Пендиков зборува глупости

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски ги нарече „чиста глупост“ изјавите на Христијан Пендиков, секретарот на здружението „Цар Борис Трети“ од Охрид, во интервјуто за БТВ, во кои меѓудругото тврди дека Бугарите се плашат дека во Македонија може да бидат стрелани и никој да не ги заштити.

– Не може 30 години да живеете во една држава и никој ништо да не ви рекол и сега одеднаш да речете дека државата не ви ги почитува правата. Тоа не е реално, не е факт. Сепак, упатувам порака дека насилство не смее да има во никој случај за ниту една причина – изјави Спасовски за време на денешната посета на полицискиот центар „Ѓорче Петров“

Охриѓанецот тврдеше дека во Македонија било нормално да се пцујат, тепаат и стрелаат луѓе, а полицијата ја обвини дека не преземала мерки.

– Во Македонија се почитуваат правата на секој еден граѓанин, на секој еден човек кој што се наоѓа на територијата на државата. Меѓународните институции ја оценија Македонија како една од најбезбедните држави во регионот, како земја која е на 36. место на глобалниот индекс за мир – рече Спасовски.

Министерот дополни дека за тоа кои биле причините за нападот над Пендиков одговор дава истрагата на Јавното обвинителство и случајот го оцени како расчистен.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.