Спасовски се скара со Ременски: Собраниската комисија за безбедност како на пазар

Новиот Закон за Агенција за национална безбедност ја скара власта, поточно пратеничката Фросина Ташевска Ременски и министерот за внатрешни работи, Оливер Спасовски.

Имено новото законско решение е по предлог на Владата, а на собраниската комисија го бранеше сопартиецот на Ременски, Оливер Спасовски. Со ваквото законско решение контраразузнавачите од МВР се селат под капа на Владата.

Министерот кој го брани законското решение не прифати ниту еден амандман на Ременски која пак во оваа „битка“ има поддршка од дел од сопартијците. Спасовски заедно со опозицијата со месеци работеа на усогласување на овој закон, па на денешната комисиска расправа изненадување беше фрлената ракавица за министерот од страна на Ременски.

Сите оние кои денеска ја следеа останаа со впечаток дека денеска Собраниската комисија за безбедност делува како расштиман оркестар, затоа што владеачкото мнозинство има два концепти за законот за безбедносната агенција. Фросина Ременски поднесува 35 амандмани на законот со кој се предвидува формирање нова агенција за безбедност, со кој практично се става „клуч на врата“ на досегашната УБК, овој сектор се одвојува од МВР и преминува под ингеренција на премиерот.

Вкупно 91 амандман на предлог законот за Агенцијата за национална безбедност беа на разгледување пред членовите на матичната собраниска Комисија за одбрана и безбедност. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски прифати околу десетина, а главната дебата околу прецизирањето на некои членови се водеше меѓу него и потпретседателката на Собранието од редовите на СДСМ Фросина Ременски, која имаше поднесено голем број амандмани, но тие беа одбиени. Ременски во повеќе наврати нервозно велеше дека нејзината ,,маленкост’’ е професор токму во сферата на безбедноста па така прифаќањето на нејзините амандмани е од суштинско значење.

Во јавноста се шепкулира дека главниот мотив на Ременски за овие амандамни е тоа што нејзиниот сопруг кој е на висока функција во МВР и дел од нив одат во корист на понатамошниот развој на неговата кариера, а се шпекулира и дека поради најавената метла на Зоран Заев, Ременски има амбиција да стане дел од извршната власт.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.