Спасовски: Секој незаконски стекнат имот ќе се конфискува

„Ставот на МВР е дека треба да се бориме радикално против криминалот и корупцијата и дека секој нелегално и бесправно стекнат имот треба да биде запленет и да биде конфискуван“, рече министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарското прашање кој е ставот на МВР за запленетиот имот во Охрид по налог на јавното обвинителство.

– Во сите години на независна Македонија имавме многу малку случаи на конфискација на имот. Тоа праќаше една порака до криминалните структури дека и покрај криминалните активности, стекнатиот имот, нема да биде конфискуван. Сега начинот на работењето концептуално е сменет и кај МВР и кај Јавното обвинителство. Паралелно со сите постапки и истраги, се води и финансиска истрага и врз основа на наредбите кои ги добиваме од Јавниот обвинител, ние постапуваме и не само конкретно за еден настан или случај, туку за сите ќе се постапува така и понатаму и секој нелегално стекнат имот, мора да биоде вратен на државата, односно на граѓаните, изјави Спасовски, кој денеска присуствуваше на конститутивната седница на Совет за превенција на Прилеп.

На прашањето дали и колку бизнисмени досега во МВР пријавиле случај на изнуда или рекет, тој вели дека има пријави и така треба да се постапува во случаите на изнуда и рекет.

-Имаме случаи на пријавување, не им го знам бројот во моментов. За се што е пријавено во МВР, ние сме дејствувале и дејствуваме. Сметам дека граѓаните сега се охрабрени да пријавуваат, затоа што институциите функционираат неселективно. Секој кој, од кој било аспект има закана, уцена или барање на некаков финансиски надомест, да го пријави случајот, а ние да го сработиме и да ја пратиме пораката до граѓаните дека нема и не смее да има заштитени. Без разлика кој е или е близок на одредени политички структури, ќе мора да сноси одговорност. Цела година говорам дека обвинителството и судството мора да застанат на свои нозе и да ги отворат перспективите во борбата против криминалот, а драго ми е што за тоа имаме разбирање“, рече Спасовски.