Спасовски: Ветингот во полицијата е повеќе од потребен

Ветингот во полицијата и другите институции на системот е повеќе од потребен. Неколку месеци работиме на концепт за тоа како треба да се спроведе во полицијата и во брзо време тоа ќе биде ставено пред Собранието, изјави министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски во емисијата „Отворено“ на Телевизија 24.

Прашан зошто се изгубени две години да се направи детална анализа на состојбата во МВР, Спасовски рече дека тоа е погрешна констатација и не може да се водиме по тоа што се зборува и се посакува во јавноста да се случи.

– Генерално ако следиме што се посакува да се случи, веројатно ако ги прашате 90 проценти од граѓаните би рекле дека сите што се во полиција треба да си одат дома. Меѓутоа, дали е тоа исправно и фер. Затоа реков ветингот во полицијата не се најавува долго време и за многу кратко време ќе се одржи конференција на која ќе се разговара со нудење на законско решение што треба да се спроведе во рамки на МВР, изјави Спасовски.

Посочи дека за две години на власт направени се низа на реформски процеси кои се однесувата на МВР и тоа се потвдрува во Извештајот на ЕК и дека очекува во многу брзо време, веќе во следниот месец тоа да биде ставено пред Собранието.

Прашан како ќе се следи и оценува работата на полицијата и сите учесници во системот, Спасвоски рече дека концептот ќе се заснова на три столба.

– Тоа е еден концепт што ќе се заснова на три столба. Прво, вработувањето и кариерата на секој полициски службеник. Второ, имотната состојба и трето интегритетот и професионалноста во извршувањето на работните задачи. Тоа се трите столба што ќе бидат разработени, за кои што ќе мора секој од полициските службеници да достави изјава, истакна Спасовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.