Спасовски за предложените мерки: Домот е нешто свето за секој граѓанин, никој тоа не може да го загрози!

Уставните начела и закони ќе се почитуваат и тоа начело за неповредливост на станот или на домот е начело што нема алтернатива и мора да биде почитувано, беше дециден денеска министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски, одговарајќи на новинарско прашање како полицијата ќе ја спроведува мерката за контрола за проверка на домовите и дали ќе и треба на полицијата налог од Суд.

За тоа дали има механизми за проверки и контроли, Спасовски потврди дека има и појасни оти и сега има такви потреби и врз основа на тоа се прават такви контроли. Тој повика да се почека Владата да ги донесе одлуките и потоа да се одговори на сите дилеми што постојат кај граѓаните.

– Не би сакал да разговараме сега кога не се усвоени на Влада, за обликот на тие мерки и што треба да опфатат. Ќе ги слушнеме мерките и аргументите на здравствените власти за секоја од мерките и тогаш ќе се донесе одлуката на Владата. Граѓаните треба да знаат дека постапувањето на полицијата ќе биде исклучиво во заштита на уставните начела и на законските норми, изјави Спасовски, кој денеска учествуваше во хуманитарната акција „Месец на хуманост – Гази Баба се грижи“, што ја почна Општина Гази Баба.

Тој уште еднаш повтори дека неповредливоста на домот е уставна категорија и тоа е свето нешто за секој граѓанин и тоа никој не може да го загрози, меѓутоа, истакна дека одлуките што ќе бидат донесени, а се во функција на заштита на животот и здравјето на граѓаните, секако дека ќе бидат предвидени и ќе има соодветни механизми на контрола и на нивното спроведување.

– Ова е предлог што го дава Комисијата за заразни болести, а јас не учествувам и немам надлежност да разговарам, ова е од аспект на струката, на тоа што тие го процениле од здравствени аспект. Тие предлози треба да дојдат на Влада, да бидат образложени и врз основа на тоа да биде донесена одлуката, а каква одлука ќе се донесе ќе видиме после седницата на Влада, појасни министерот Спасовски.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.