Спасовски за „Таргет-Тврдина“: Одлуката на Апелација е понижувачка

Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски денеска во Тетово, коментирајќи ја одлуката на Апелациониот суд – Скопје за укинување на првостепената пресуда за случајот „Таргет-Тврдина” рече дека тоа е крајно понижувачки и оти упатува на губење на довербата на граѓаните во системот.

– Сите викаме не треба да ги коментираме судските одлуки, да јас држам до тоа и како човек од таа фела, меѓутоа тоа е крајно понижувачки и тоа е нешто што упатува на губење на доверба кај граѓаните во системот. Ќе се одработи од страна на институциите, од страна на полицијата, од страна на ЈО, ќе се соберат доказите ќе се приложат на суд, ќе се поведат постапките и на крајот се доведуваме до една ваква позиција, тоа не е добро и тоа е одлика за тоа што се случува со перцепцијата на граѓаните во делот на борбата против криминалот и корупцијата – истакна Спасовски одговарајќи на новинарско прашање како ја коментира одлуката на Апелација за укинување на првостепената пресуда за „Таргет-Тврдина”.

Денеска Апелациониот суд Скопје ги уважи жалбите на обвинетите за случајот „Таргет-Тврдина” и ја укина првостепената пресуда и предметот го врати пред Основниот кривичен суд Скопје на повторно постапување и одлучување, додека жалбата на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција е беспредметна.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска денеска на својот фејсбук профил изрази загриженост за информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина”. Го повика Апелациониот суд да ги соопшти причините за оваа одлука.
„Со голема доза на загриженост ја примив информацијата дека Апелациониот суд ја укинал првостепената пресуда за предметот „Таргет-Тврдина”, во кој, преку злоупотреба на службена положба, масовно беа прислушувани илјадници наши граѓани. Уште позагрижувачки се информациите дека поради неажурното одлучување на судиите, можно е застарување на делото кое значи повреда на основните уставно загарантирани човекови права“, напиша Грковска.
Според вицепремиерката Грковска, Апелациониот суд има обврска пред граѓаните, транспарентно и детално да ја образложи оваа одлука за која, како што се наведува, има сомнеж дека не оди во правец на владеење на правото и еднаквост пред законот.
„Во повеќе наврати кажав и сакам да повторам дека независноста на правосудниот систем не значи немање никаква одговорност. Го повикувам Апелациониот суд во името на правдата и во името на одговорноста пред граѓаните да ги соопштат причините за оваа одлука“, напиша Грковска на Фејсбук.