„Спејс-икс“ успешно ги лансираше првите вселенски туристи

„Спејс-Икс“ на Илон Маск рано утрово, во 02:00 ч. по македонско време, успешно ги лансираше првите свои четворица вселенски туристи – највисоко во Земјината Орбита. Тие три дена ќе престојуваат во Вселената.

Според западни медиуми, овојпат „Спејс-Икс“ цели на околу 575 километри над Земјата, повисоко и од Меѓународната вселенска станица (МВС)

Летот е изнајмен од американскиот милијардер Џеред Ајзекмен – 38-годишниот основач и извршен директор на „Шифт-4 пејмент“ и искусен пилот. Со него се и Наставничката Сијан Проктор (51), Хејли Арсено (29-годишна излечена од рак) и инженерот Крис Семброски (42). Точната сума за летот, не е објавена, но се претпоставува дека станува збор за десетици милиони долари.

Ракетата „Фалкон 9“ со вселенска капсула „Кру драгон“ полета од американскиот космодром Кејп Канаверал при Вселенскиот центар „Кенеди“ на Флорида.

„Спејс-Икс“ досега повеќепати превезува астронаути на МВС за американската вселенска агенција – НАСА. Ова е прв лет на „Спејс-Икс“ со цивили. Компанијата на Илон Маск со ова влегува во борбата за својот „дел од колачот“ наречен „вселенски туризам“.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.