Специја го шокираше Милан, потоп на Џенова во Фиренца

61
Spezia’s Emmanuel Gyasi (L) challenges for the ball AC Milan’s Rade Krunic during the Italian serie A soccer match between AC Milan and Spezia at Giuseppe Meazza stadium in Milan, 17 January 2022. ANSA / MATTEO BAZZI

Фудбалерите на Специја направија големо изненадување откако со 2:1 го совладаа Милан на неговиот стадион во понеделникот во рамките на 22-то коло на италијанското првенство.

Киксот на Милан беше навестен во 44 минута кога Тео Ернандез не реализираше пенал, но сепак во судиското продолжение на првото полувреме Радаел Леао погоди за водство на домашните.

Меѓутоа, во вторниот дел Специја одигра изненадувачки добро. Колумбиецот Кевин Агудело во 64 израмни, а во шестата минута од судиското продолжение на натпреварот Ганецот Емануел Гиаси од контранапад ја донесе големата победа.

Милан со победа можеше да избие на чело на Серија А, но остана на 48 бодови, два помалку од водечкиот градски ривал Интер и два повеќе пред третопласираниот Наполи. Специја, пак, оствари важна победа во бегството од опасната зона и сега со 22 бодови е 14-ти.

Претходно Наполи оствари гостинска победа од 2:0 кај Болоња, со головите на Хирвинг Лозано во 20 и 47 минута, а македонскиот репрезентативец Ељиф Елмас беше асистент за водечкиот погодок.

Наполи се искачи на третата позиција со 46 бодови, и го намали заостанувањето зад водечкиот тандем од Милано, а Болоња е 13-та со 27 бодови.

Фиорентина во последниот меч во понеделникот вечерта со 6:0 ја декласираше Џенова на македонскиот интернационалец Горан Пандев кој не се појави на теренот. Стрелци беа Алваро Одриозола во 15, Џакомо Бонавентура во 34, Кристијано Бираги во 42 и 69 минута, Душан Влаховиќ во 51 и Лукас Тореира во 77 минута.

Фиорентина се искачи на шестото место со 35 бодови, колку што имаат и седмата Рома и осмиот Лацио, но екипата од Фиренца има и меч помалку.

Џенова останува претпоследна 19-та со 12 бодови, шест помалку од зоната која гарантира опстанок во Серија А.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.