Специјален истражител ќе го испитува постапувањето на Бајден со доверливите документи

Државниот обвинителот Мерик Брајан Гарланд именуваше во четвртокот специјален истражител кој ќе го испитува претседателот Џо Бајден откако чувствителни доверливи државни документи се пронајдени во неговите приватни простории, а истрагата може да влијае на очекуваната кандидатура на демократскиот претседател на изборите во 2024 година.

Гарланд тоа го објави неколку часа откако адвокатот на Белата куќа, Ричард Саубер во четвртокот потврди дека приватните адвокати на претседателот Џо Бајден откриле уште еден, трет сет, документи кои носат ознака на тајност, од времето додека бил потпретседател, во гаражата на неговиот дом во  Вилмингтон во американската сојузна држава Делавер.

Гарланд истакна дека поранешниот сојузен обвинител од државата Мериленд, Роберт Хур, ќе биде специјален истражител за ова прашање. Американските власти понекогаш именуваат специјални истражители за политички чувствителни случаи кои своите заклучоци ги објавуваат со одреден степен на независност од Министерството за правосудство, вклучително и Гарланд кој е именуван директно од Бајден. Специјалните истражители понекогаш но не и секогаш подигнуваат кривични пријави.

Гарланд во ноември, во истиот период кога биле откриени документите кај Бајден, го именуваше Џек Смит за специјален истражител за надгледување на истрагата на Министерството за правосудство поврзани со ракувањето со доверливи документи од страна на претходниот претседател Доналд Трамп и неговото настојување да ги поништи претседателските избори од 2020 година за кои и денес републиканецот тврди дека му се украдени во полза на демократот Бајден.

Трамп во ноември ја објави својата кандидатура за претседателските избори во 2024 година, што сѐ уште е предмет на дискусија во Републиканската партија. Сега 80-годишниот Бајден, исто така, навести дека ќе се кандидира на тие избори и се очекува тоа официјално да го стори следните месеци. Меѓутоа, и тоа е стана предмет на остра дискусија во Демократската партија.

Белата куќа изминатите денови ги потврди наводите на телевизиската мрежа NBC News дека два сета доверливи документи биле откриени во ноември, само неколку дена пред одржувањето на изборите на половината од мандатот биле откриени во приватни канцеларии во Вашингтон.

Документите биле најдени во канцеларијата на Бајден во Центарот за дипломатија и глобален ангажман „Пен Бајден“ од периодот меѓу 2017 и 2020 година, кога повеќе не бил во администрацијата, извести CBS News, додавајќи дека од американскиот државен правобранител во Чикаго е побарано да ги прегледа тајните документи.

Подоцна телевизијата CNN објави дека меѓу откриените тајни документи имало разузнавачки податоци за Украина, каде во тој период неговиот син Хантер Бајден беше во водството на приватната енергетска компанија „Burisma“, како и за Иран и за Велика Британија

Бајден во вторникот изрази изненаденост од фактот дека во неговата приватна канцеларија биле пронајдени доверливите документи и изјави дека не ја знае содржината на документите. Надзорниот комитет на Претставничкиот дом на американскиот Конгрес, каде мнозинство имаат опозициските републиканци, започна истрага за тоа дали претседателот ги почитувал правилата за ракување со доверливи документи во време кога тој ја извршуваше функцијата потпретседател на земјата.

Со законот од 1978 година ги обврзува и американските претседател и потпретседатели целата документација, писма, работни документи и електронски писма, по завршувањето на мандатот да ги предадат во Националниот архив на САД.