Специјалниот американски пратеник за Блискиот исток Гринблат подготвува оставка

Специјалниот пратеник на американскиот претседател Доналд Трамп за меѓународни преговори Џејсон Гринблат се подготвува во наредните недели да ја напушти Белата куќа, најави денеска официјален претставник.

Гринблат беше задолжен за изработка на мировниот план меѓу Израел и Палестинците.

Тој, меѓу другото, се залагаше за одлуката за преместување на Амбасадата на САД од Тел Авив во Ерусалим и за признавање на суверенитетот на Израел над Голанската висорамнина, што предизвика гнев кај Палестинците и арапските земји.

Белата куќа соопшти дека мировниот план е готов, но нема да биде претставен додека не поминат изборите во Израел, на 17 септември.

Гринблат, поранешен адвокат во Организацијата Трамп, две и пол години работеше на мировниот план со советникот и зет на Трамп, Џаред Кушнер.

Како што наведуваат израелските медиуми, Гринблат ќе биде заменет од Ави Берковиќ, советник на Кушнер, кој беше присутен на многу состаноци и дискусии за мировниот предлог.