Спор меѓу Софија и Скопје: Понижувањето како критериум за пристапување во ЕУ

Она што Бугарија го прави во моментов со Северна Македонија е како Германија да бара од Луксембург да го класифицира луксембуршкиот јазик како германски дијалект. А, приказната што се раскажува во училишните книги во Луксембург, исто така, треба да биде малку помилостива кон соседот – особено кога станува збор за неговата улога во Втората светска војна и да каже дека всушност Луксембуржаните се по потекло Германци.

– Во суштина, Бугарија моментно бара Македонците да признаат дека се Бугари, но тоа го негираат со фалсификување на нивната историја – објаснува бугарскиот политиколог Димитар Бечев. Владата во Софија ја застапува тезата, продолжува Бечев, дека македонската нација е изум на комунистичката пропаганда во Југославија и дека македонскиот јазик е регионална варијанта на бугарскиот јазик.

– Ова е научно и политички многу проблематично – додава тој.

Но, Софија го има крајниот адут во рака за да го спроведе овој став. Бидејќи постои принципот на консензус во Брисел, Бугарија во моментов го блокира патот на Скопје за почеток на долгоочекуваните преговори за пристапување во ЕУ. Бугарија е веќе членка на ЕУ, а малата соседна земја Северна Македонија сака да стане наскоро. Според бугарската Влада, зелено светло ќе се даде само доколку Северна Македонија прифати да ја преработи својата историја и официјално да разгледа некои факти за сопствениот јазик.

Јазикот и идентитетот, според Димитар Бечев, не се работи што можат да се дефинираат еднаш засекогаш. Всушност, бугарскиот и македонскиот јазик се поврзани, но тие се развиле поинаку, според експертот. Но „во секој случај не станува збор за лингвистика, туку само за политика“.

Наскоро избори во Софија

И политиката што стои зад овој спор е прилично јасна: Бугарија има избори на почетокот на април. Бојко Борисов, бугарскиот конзервативен шеф на Владата, ослабен ја започнува изборната кампања поради обвинувањата за корупција и неговото лошо управување со корона кризата. Tој ќе мора да се бори против десниот популистички сојуз на Обединетите патриоти, неговиот сегашен коалициски партнер. Во меѓувреме, Обединетите патриоти успеаја да го претворат нејасниот спор со Северна Македонија во политичко прашање. – Секогаш има неколку спорови меѓу соседите на Западен Балкан, но спорот меѓу Бугарија и Северна Македонија е бизарен, дури и според регионалните стандарди, вели Бечев.

Овој бизарен трик во предизборната кампања и придружните уцени на Скопје имаат сериозни последици врз балканската политика на целата Европска унија. – Процесот на европска интеграција не треба да вклучува уцена на земја, вели министерот за надворешни работи на Северна Македонија, Бујар Османи, кој во Луксембург имаше средба со неговиот колега Жан Аселборн. – Ова го поткопува кредибилитетот на ЕУ, затоа што таа не ги наградува нашите напори и станува непредвидлива поради политички околности, вели Османи.

– Тоа создава многу фрустрација во земјата, тоа е факт. Но, негативното влијание лесно може да се прошири преку границите, во регионот, меѓу политичарите, администрацијата и, пред сè, меѓу прогресивните сили во регионот – продолжува Османи.

И навистина. Во Скопје, фрустрацијата околу ЕУ полека се зголемува. На почетокот на 2019 година земјата го смени името. Од „Македонија“ стана „Северна Македонија“. Со тоа се стави крај на спорот со Грција, кој траеше повеќе од две децении.

Со промената на името и крајот на грчкото вето во Брисел, Скопје се надеваше на разговори за пристапување во ЕУ. Но, тогаш францускиот претседател Емануел Макрон го блокираше почетокот на овие разговори затоа што сметаше дека е несоодветен во домашната политика. А сега Бугарија го блокира патот на Скопје кон ЕУ.

Дебакл на ЕУ за вакцинацијата

Многу аналитичари исто така веруваат дека Унијата го губи својот кредибилитет на Балканот затоа што не може да ги одржи ветувањата. – Всушност тоа има своја цена, вели Димитар Бечев. Сепак, и покрај постојаното разочарување, повеќето Македонци остануваат проевропски ориентирани, според експертот, бидејќи во моментов нема вистинска алтернатива.

Многу полошо за долгорочната репутација на ЕУ на Балканот е сепак кампањата за вакцинација против ковид-19, вели Бечев. Северна Македонија се потпре на ветената помош од ЕУ за кампањата за вакцинација. Но, ЕУ во моментов ја остава земјата на цедило.

– Тоа е скандал – вели Димитар Бечев.

– Европската солидарност не смее да застане на границите на ЕУ. Особено што земјите од Западен Балкан се соседни земји и партнери за ЕУ. Претпоставуваме дека ЕУ ќе ги забрза сите механизми и ќе спроведе поактивен пристап за да обезбеди што е можно побрзо ефективна поддршка за Западен Балкан – вели министерот за надворешни работи Бујар Османи.

Автор: Диего Веласкез

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.