Научниците во Перу претходно седмицава според черепот на откриената мумија користејќи ги современите технологии го реконструирале ликот на древна владетелка припадничка на цивилизацијата Моче, позната како Дамата од Као (Леди од Као) познатата мумија откриена во 2005 година.
Цртите на нејзиниот лик научниците ги реконструирале со помош на 3Д принтер, изјави во вторникот перуанскиот министер за култура Салвадор дел Солар.
Се верува дека таа била првата жена којашто владеела на територијата на денешно Перу. Таа припаѓа на цивилизацијата Моче и починала на возраст меѓу 20 и 25 години. „Дамата од Као“, како што е наречена оваа мумија, датира од времето околу 40 година, а пронајдена е во северозападниот дел на земјата во мај 2005 година.
Пред ова откритие се веруваше дека само мажите можеле да владеат со древниот Перу. Според последните истражувања, неретко високите позиции во Моче цивилизацијата им припаѓале на жените
Научниците деновиве прецизираа дека според нивните истражувања оваа жена живеела пред околу 1.700 години и починала на млада возраст поради компликации при породувањето. Таа била една од владетелките во долината на северниот брег на Перу, којашто, исто така, имала и верска власт. Леди од Као била погребана заедно со симболите на власти и церемонијалната облека на културата на цивилизацијата Моче, пред-колумбовска цивилизација во Јужна Америка, којашто опстојувала од I до VII век на крајбрежјето на Перу.
Цивилизацијата Моче сѐ уште немала писменост, но ја имала умешноста за обработка на металите. Покрај златото и среброто, нејзините припадници умееле да го обработуваат и бакарот. Во принцип, според технологијата оваа цивилизација може да се спореди со бакарната и бронзената ера во Европа и на Блискиот исток.
Ликот на Дамата од Као било реконструирано со помош на експертите од компанијата „Faro“ кои го скенирале черепот на мумијата и извршиле форензичка реконструкција на лицето, давајќи му прецизност речиси до милиметар.
Лицето било скенирано со помош на ласерски 3Д печатач, благодарејќи на кој биле создадени облак од точки и полигонална мрежа, од којашто може да се формира конструкцијата којашто ќе стане основа за скулптурата. Добивајќи ја тродимензионалната слика на главата, специјалистите мускул по мускул го реконструирале лицето користејќи исто така и архива од фотографии со жени коишто денес живеат во истата област.
Перуанските историчари, исто така, спровеле истражување според коешто било констатирано дека Дамата од Као имала темна кожа и долга црна коса, зачешлана во две плетенки. Покрај тоа, од мумијата било забележливо дека рацете и нозете на жената биле прекриени со тетоважи, меѓу кои има пајаци, змии и ѕвездени фигури, кои се сметале за свети елементи во цивилизацијата Моче. И сево ова го одразува реконструираната скулптура.