Според освоените гласови на локалните избори ВМРО-ДПМНЕ би имала најмногу мандати во Собранието

Доколку локалните избори кои се одржаа пред точно една седмица, односно на 17-ти октомври, беа парламентарни избори на кои граѓаните ќе избираа народни претставници во Собранието, тогаш опозициската ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше убедливо најголем број на пратенички места.

Ова го покажува анализата на изборните резултати од неделата, на кои во првиот круг од локалните избори ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ 9, додека ДУИ 2 градоначалника.

Доколку освоените гласови на советничките листи на партиите се преточат во освоени пратенички мандати, тогаш ВМРО-ДПМНЕ ќе освоеше 45 пратеници, додека владејачката СДСМ 7 помалку, односно 38 пратеници. Споредено со актуелната состојба во Собранието, ова значи дека ВМРО-ДПМНЕ би имала плус еден пратеник во Собранието (освои 44 на ланските избори), додека СДСМ би имал осум пратеници помалку во однос на ланските парламентарни избори кога освои 46.

Во албанскиот блок ДУИ ќе освоеше 18 пратенички местаАлијанса на Албанците/Алтернатива 7 пратенички места, додека БЕСА 3 пратенички места. Според гласовите на советничките листи, партијата Левица би освоила 6 пратенички места.

По еден пратеник би освоиле ЛДП/ДОМ, Демократската партија на Турците (ТДП) и Групата избирачи за НАШЕ КУМАНОВО која го поддржа Максим Димитриевски.

Во првиот круг на 17 октомври, ВМРО-ДПМНЕ освои 22 градоначалнички места, СДСМ 9 и ДУИ 2. Правото на глас го остварија 938.631 граѓани, односно излезноста изнесува 51,44%.