Според Заев, во референдумското прашање за промена на името ќе бидат ставени и НАТО и ЕУ

Македонските граѓани на најавениот референдум за помена на уставното име на Репулика Македонија, ќе треба истовремено условено да се изјаснат и за членството во НАТО и ЕУ, според најавите на македонскиот премиер Зоран Заев кој во четвртокот зборуваше за грчката национална телевизија.

Грчките граѓани, имено,  имаа ексклузивитет и први ги дознаа евентуланите прашања за референдумот кој премиерот Зоран Заев најавува дека ќе се одржи наесен, а се однесува на договорот со Грција со кој е договорена промена на уставното име на Република Македонија во Република Северна Македонија.

Во интервју за грчката национална телевизија ЕRТ 1, Заев открива како би гласело референдумското прашање.

Народот убеден сум дека ќе биде „ЗА“ договорот со Грција поради тоа што прашањето веројатно ќе биде „Дали сте за Европската унија и за НАТО и за поддршка на договорот со Грција?“. Веројатно во тој правец ќе биде заради тоа што едно со друго кај нас е поврзано и од таков аспект граѓаните кога ќе го дадат својот глас, политичарите, владата, парламентот, претседателот на државата сме должни да го почитуваме. Или можеби прашањето ќе биде „Дали сте за Европската унија и НАТО поддржувајќи го името Република Северна Македонија?“, заради тоа што тоа е договорот. Верувам дека граѓаните ќе бидат целосно позитивни, изјави Заев во интервју за грчката телевизија.

Заев истакна дека три датуми се во игра за референдумот во Македонија – 23 септември, 30 септември или 7 октомври.