Спречен атентат на шпанскиот премиер

Шпанската полиција спречи испланиран напад на премиерот Педро Санчез, потврдија денеска локалните власти.

Каталонската полиција на Твитер објави дека е уапсен човек што имал намера да го убие Санчез и дека во неговиот дом биле пронајдени големи количества оружје.

Мажот е уапсен пред три седмици во каталонскиот град Тераси под сомневање дека планирал да изврши атентат врз премиерот, изјавија од полициската управа во Барселона.

Се смета дека мажот сакал да се одмазди за плановите на шпанската влада да го ексхумира и да го премести телото на поранешниот шпански диктатор Франциско Франко. Франко од неговата смрт во 1975 година е закопан во мавзолејот во Долината на паднатите близу Мадрид.

Уапсениот 63-годишен маж имал дозвола за носење на оружјето што било најдено во неговиот дом. Полицијата нашла 16 парчиња различно огнено оружје, меѓу кое имало снајпери и автоматски пушки. Мажот работел за приватна безбедносна компанија.

Според медиумските наводи, на социјалните мрежи мажот ги најавил своите планови да го убие Санчез.

Осомничениот е изведен пред судот и во моментов се наоѓа во затворот во Тераса, кажа портпаролката на каталонското Министерство за правосудство за агенцијата ДПА.