Спречена саботажа врз руски извидувачки авион „А-50“ во Белорусија

Русин регрутиран од украинската разузнавачка Служба за безбедност на Украина (СБУ) е уапсен за обид за саботажа врз авион од типот „А-50“ на аеродромот Мачулишчи во близина на главниот град Минск, соопшти во вторникот белорускиот претседател Александр Лукашенко.

Станува збор за авион за радарски надзор и рано предупредување кој е распореден во Белорусија во рамките на координацијата на заедничката групација војски на Државната унија (договор за најтесна соработка меѓу Белорусија и Русија од 1990-те години), кој бил вклучен во заедничките вежби од 16-ти јануари до 1-ви февруари годинава, но од стратегиски причини и натаму се наоѓа на споменатиот аеродром.

„Станува збор за обучен терорист. Тој е Русин, со руски пасош, имал и украински. Роден е во Кривој Рог (Кривиј Рих, на украински, во централна Украина – з.р.), живеел на Крим. Регрутиран е од украинските специјални служби уште во 2014 година. Бил добро упатен во ИТ-технологиите, а бил обучуван за изведување терористички акти“, го цитира Лукашенко белоруската редакција на Sputnik.

Уапсениот имал околу 20 соучесници, според белорускиот претседател, а бил уапсени додека се подготвувал за операцијата во којашто користел „највисоки технологии“, разработени според „програма на CIA (американската Централна разузнавачка агенција) за контрола на сторителите“.

„Она што го видовме додека ја спроведувавме операцијата во Белорусија беше навистина нешто неверојатно. Беа вклучени највисоките технологии. За сето тоа тој сигурно не бил обучуван само еден месец. По подготовката бил уфрлен на нашата територија“, додал Лукашенко.

Според белорускиот претседател, уапсениот преку таа технологија имал специјален телефонски уред преки кој неговите надредени го следеле секој негов чекор и во аудио и во видео режим. Можеле да го гледаат неговите движења, средби и разговор, додал Лукашенко изразувајќи сомневање дека доколку саботажата била успешна би можело да следи уфрлување на „илјадници“ диверзанти во земјата, за што предупреди уште кон крајот на минатата година. Тогаш Лукашенко рече дека на украинска територија се обучуваат до две илјади белоруски диверзанти и екстремисти чија цел е да бидат испратени во Белорусија да заземат помал град и да предизвикаат вооружен бунт.

Официјален Минск објави дека самиот авион не претрпел штети освен „незначителни гребнатини“ и оти е побарано од Москва да го стави ова летало во служба и да распореди уште едно такво во Белорусија.

Претходно беше објавена снимка од дрон кое лета над споменатиот аеродром крај Минск, со кој бил извршен обидот за уништување на авионот, но нема извештаи како било оневозможено целото дејствување на беспилотното летало, за кое Лукашенко вели дека било од кинеско потекло но продаден во САД и во Белорусија биле активирани два такви уреда.

Истовремено во вторникот белоруските погранични сили објавија дека на границата кон Полска изминатата ноќ била откриена група лица кои лансирале дрон. Се додава дека се водат испрашувања на приведените и се проверува рутата не летот.

Претходно Белорускиот државен граничен комитет повеќепати известуваше за пресретнување на украински извидувачки беспилотни летала опремени со видео камери. Беспилотни летала летаа на територијата на републиката и снимаа.