„Спутник V“ – препорака за претпазливост кај трудници и доилки

58

Во упатството на „Спутник В“ има препорака за претпазливост само кај трудници и доилки. Не е наведена никаква друга контраиндикација, рече денеска министерот за здравство, Венко Филипче по пристигнувањето на првата пратка од руските вакцини, вкупно 3.000, на Скопскиот аеродром.

Филипче повтори дека согласно националниот план, први вакцина ќе примат најстарите граѓани со хронични болести и луѓето сместени во старечките домови.

За начинот како ќе се одвива вакцинацијата, тој објасни дека сите ќе бидат известени преку своите матични лекари и повикани на пунктовите кои ќе им бидат најблиску, додека во делот на старечките домови, вакцинирањето ќе се спроведе во домовите.

На прашањето дали за неполни три недели ќе пристигне и втората пратка, Филипче одговори дека и руската компанија, како останатите, во однос на испораката е под голем притисок од сите земји во светот.

– Преку личниот ангажман на амбасадорот кој зема обврска да го забрза целиот процес и во директни разговори со претставници на Рускиот инвестициски фонд кој ја менаџира дистрибуцијата на вакцините, не само што имаат обврска да ги пратат и другите 3 000 вакцини, туку зборуваме и за останатата динамика. Кога ќе дојдат оние 200 000 веројатно ќе знаеме во некој од следните денови. Како и за другите производители и тука важи тоа дека се под огромен притисок од сите земји во светот – истакна министерот.

Во овој момент, дообјасни Филипче, за ниту една вакцина, меѓу другите и за оние за кои разговара земјава, нема сериозна контраиндикација, ниту е регистриран некаков несакан ефект за време на клиничките студии и потоа.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.