Срамно однесување кон здравствените работници во Институт за јавно здравје: Одат на тестирање, добиваат понижување

Здравствените работници кои имаат прележано морбили, се принудени да се тестираат за антитела. Испраќани се, со наредба, во Институтот за јавно здравје.

Најголемиот дел од нив, заминаа на тестирање, но наместо професионален третман од колегите, добиле дрско понижување.

Вработените доктори и медицински сестри од здравствените установи треба да даваат крв и преку неа да се добијат потребните резултати во време на силна епидемија од морбили, со огромен број на заболени здравствени работници. Водејќи грижа за сопственото и здравјето на своите пациенти, утрово поголема група на медицински сестри заминале во Институтот за јавно здравје.

Пристигнале во 7:30 минути, за кога им било кажано дека треба да почне работното време на вработените таму. Чекале цел час во улога на пациенти, пред да се појават дел од вработените во Институтот.

Дури во 8:30 пристигнале дел од вработените. Но, голготата почнала дури тогаш.

Дел од медицинските сестри кои денес биле на тестирање изреволтирани ја контактираа редакцијата на КУРИР и нè информираа со што се соочиле таму.

По 24 часа дежурство на работа во установата каде сум вработена како медицинска сестра, отидов на тестирање во Институт за јавно здравје, по службена должност. Чекавме повеќе од еден час пред било кој од вработените да се појави таму. Потоа почна хаос. Во мало ходниче чекавме повеќе од 50 луѓе. Освен медицински сестри, на исто место чекаа и бремени жени, а имаше и дечиња кои чекаа за брисеви. Никаков ред, невиден хаос. Бевме понижувани со некултурен однос од нашите колеги вработени во Институтот, вели една медицинска сестра која утрово била во Институтот.

За услугата им било кажано да платат по 150 денари, но не била сумата на пари проблем, туку тоа што следувало по барање на парите.

Вработените буквално со дерење почнаа да ни викаат да плаќаме одма. Велеа „Немојте да сте ми дале 500, 1000 денари. Вадете точно по 150, за кусур немаме“. Во ред, плативме, но замислете за таа услуга не добивме ниту бројче, ниту парагон, уште помалку фискална сметка. Само така, од рака, ни земаа пари и готово, вели соговорникот на КУРИР.

Како здравствени работници, запознаени со процедурите, медицинските сестри побарале објаснување зошто не се заведуваат во некоја книга, со број и зошто не добиваат потврда дека платиле за услугата.

Добиле дрзок одговор, на висок тон.

Немаме ние време сега вас да ве воведуваме во систем. Ќе си седите и ќе си чекате. Без непотребни коментари, бил одговорот кој го добиле.

Медицинската сестра која ја контактираше редакцијата на КУРИР вели дека допрва ќе настане големиот проблем.

Резултатите, ни рекоа, ќе бидат готови после 10 дена. Како да ги земам истите кога немам никакво бројче или белешка дека сум била на тестирање? Тие таму нè третираа како стоки. Како ќе знам кога ќе одам да земам резултати, што ако се изгуби нешто, ако се помеша. Знам јас како се заведуваат тие примероци. Уредно, со број, со белешка. Тие кои не биле на тестирање ќе добијат казна, а и ние што бевме, немаме како да докажеме. Ни викаа, ни ги земаа парите од раце, не ни дадоа никаков доказ дека сме биле таму, вели нашата соговорничка.

 

КУРИР со овие случувања ги запозна Министерството за здравство и надлежните во Институтот за јавно здравје. Коментари од нив побаравме, а штом ќе ги добиеме, ќе бидат пренесени во јавноста.