Србија ја одобри кинеската вакцина „Sinopharm“, од вторник масовно вакцинирање

Српската национална Агенција за лекови и медицински средства (АЛИМС) ја верификуваше и го издаде сертификатот за првиот контингент од 100.000 дози од кинеската вакцина против коронавирусот „Sinopharm“, потврди во понеделникот вечерта за белградските медиуми директорот на Агенцијата, Павле Зелиќ.

За агенцијата Танјуг, Зелиќ изјави дека кинеската вакцина е анализирана „според сите стандарди на Европската унија и Светската здравствена организација“ со кои се потврдува „квалитетот, ефикаснота, а во прв ред безбедноста“ на вакцината на „Sinopharm“.

Србија со тоа, покрај Велика Британија и Аргентина, стана третата земја во светот која има вакцини од три различни производители: од американско германскиот тандем „Pfizer/BioNTech“, руската „Спутник V“ на московскиот институт „Гамалеја“ и сега на кинески „Sinopharm“, истакна Зелиќ.

Во Србија во саботата пристигнале милион дози од кинеската вакцина, а премиерката Ана Брнабиќ најави претходно денеска дека од вторник ќе започне масовното вакцинирање на приоритетните групи во кои покрај вработените во образованието, полицијата и армијата, се вклучени и претставниците на медиумите кои поради природата на својата работа се сметаат за една од ризичните групи.

Брнабиќ претходно во понеделникот истакна дека претставниците на медиумите, особено оние коишто секојдневно се на терен: новинарите, фоторепортерите и снимателите, се вброени во приоритетната група по апелот на медиумските здруженија, но и „на молба од претседателот на Србија, Александар Вучиќ“.

Во Србија до 16-ти јануари биле вакцинирани околу 22.000 лица, а прва вакцината на „Pfizer/BioNTech“ на 24-ти декември минатата година ја прими токму премиерката Брнабиќ, како и двајца членови на Кризниот штаб.

Потоа со руската вакцина „Спутник V“ прв се вакцинираше претседателот на српската Скупштина (парламент), Ивица Дачиќ и министерот за внатрешни работи Александар Вулин, со неколку челници на здравствените установи.

Државниот секретар на српското Министерство за здравство, Мирсад Џерлек, потврди дека преку порталот на електронската управа на српската влада досега за вакцинирање се пријавиле повеќе од 280.000 граѓани, кои избрале една од трите достапни вакцини или се пријавиле за некоја од вакцините од COVAX програмата чиишто испораки во Белград се очекуваат согласно одобрувањето на здравствените власти во ЕУ и во светот.

Србија оваа седмица очекува уште 20.000 дози од вакцината на „Pfizer/BioNTech“, а во понеделникот најави дека на Македонија ќе ѝ отстапи 8.000 дози од оваа вакцина. За вторник е најавена седницата на државниот врв и Оперативниот тим за вакцинирање со која ќе претседаваат претседателот Вучиќ и премиерката Брнабиќ.

Според официјалните податоци, во Србија во последните 24 часа потврден е 21 смртен исход од последиците на Covid-19, а регистрирани се 1.578 новозаразени. Од почетокот на епидемијата на 6-ти март во Србија се тестирани 2.485.591 примерок, регистрирани се вкупно 374.111 заразени, а пријавен е вкупно 3.771 смртен исход.

Во Србија од денеска во основните и средните улчилишта започна второто полугодие со комбинирање на класичната настава со учење на далечина.

 

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.