Србија до крај на јануари ќе добие 2.000.000 вакцини, а Македонија уште ги чека првите 5.000 дози

Додека во регионот државите пред Нова година започнаа со вакцинација во Македонија вакцината е само во најава. Министерот за здравство Венко Филипче пред неколку дена најави дека првата доза во Македонија ќе пристигне кон крајот на месец јануари почеток на февруари. Но додека земјите во регионот добиваат по стотици илјади вакцини Македонија ќе добие само околу 5.000 дози.

„Аплициравме да бидеме во првата група земји коишто би ги примиле вакцините, согласно спремноста на нашиот систем во однос на чувањето на температура на -70 степени, дистрибуцијата и практичната апликација преку центрите за здравје, односно здравствените домови. Крајниот рок за апликација е 18 јануари, тогаш сите земји, кои според евалуацијата на СЗО се спремни, може да аплицираат, и после останува да видиме кога точно би пристигнала пратката. Според нивното писмо станува збор за вакцината на Фајзер, а следна вакцина која доаѓа предвид е онаа на Астра Зенека“, рече министерот за здравство Венко Филипче.

Планот на здравствените власти е Македонија, преку трите опции – КОВАКС механизмот, директни договори со производителите и помош од земјите-членки на Унијата, да обезбеди околу 2,4 милиони дози, што се доволни за вакцинирање на 1,2 милиони граѓани.

Додека ова го говори министерот Фипче, според властите во Србија ќе има два милиона вакцини до крајот на јануари, од различни производители, вклучувајќи ги и количините што пристигнаа на крајот на декември.

Српската премиерка Ана Брнабиќ деновиве рече дека дополнителни 1,3 до 1,5 милиони дози вакцини се очекуваат во февруари.

„Така до мај, јуни се надевам дека ќе можеме да ја завршиме вакцинацијата. Ако успееме, ќе бидеме една од првите земји што ќе го сториме тоа во Европа“, рече Брнабиќ.