Србија: Движењето на слободни граѓани со став дека нема услови за избори, очекуваат реакција на ЕУ

На заедничка седница на претседателството и политичкиот совет на Движењето на слободни граѓани (ПСГ), чиј лидер е Сергеј Трифуновиќ, заклучено е дека во моментов непостојат соодветни услови за учество на изборите, но и дека сè уште има малку простор за подобрување на условите ако Европската унија ја преземе улогата на медијатор и го гарантира со својот авторитет спроведувањето на препораките на независните стручни организации.

Во соопштението на ПСГ се наведува дека „со учество на тркалезните маси на кои беа презентирани овие наоди, претставниците на власта признаа дека постои проблем, но досега не покажаа минимум политичка воља за спроведување на препораките и со тоа создавање на основни предуслови за учество на опозицијата на изборите.“

ПСГ смета дека Европската унија би можела да има клучна улога во овој процес и дека заштитата на вредностите на демократијата, слободата и владеењето на правото бара нивна поактивна улога во надминување на длабоката криза, за која директна одговорност сноси Александар Вучиќ и Српската напредна партија (СНС), се наведува во соопштението.

На Факултетот за политички науки во Белград, ПСГ заедно со Нова Странка (НОВА) на Зоран Живковиќ, ЛДП на Чедомир Јовановиќ и Странката на модерна Србија (СМС), денеска учествуваа на четвртата трклаезна маса меѓу владечките партии и опозицијата, во рамките на дијалогот за изборите, на кои тема се медиумите и финансирање на изборните кампањи. Веднаш на почетокот на состанокот, лидерот на НОВА, Зоран Живковиќ го напушти состанокот, резигнирано изјавувајќи дека „не видел дека нешто се менува со овие состаноци“.

За разлика од нив, на тркалезната маса денеска не дојдоа преставниците на опозициските партии од Сојузот за Србија (СзС), кои претходно соопштија дека ваквиот формат на разговори не дава конкретни резултати, како и дека преставниците на власта не покажале ниту најмала подготвеност за исполнување на барањата.