Србија ќе бара од КФОР да го осигура враќањето на нејзината полиција и војска на Косово

Белград, во согласност со Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН од 1999 година, ќе побара од меѓународните мировни сили во мисијата КФОР со која води НАТО, да осигури распоредување на илјада српски полицајци и припадници на војската во северните области од нејзината поранешна јужна покраина Косово и Метохија којашто во 2008 година со поддршка на западните земји еднострано прогласи независност, изјави во саботата вечерта српскиот претседател Александар Вучиќ.

Коментирајќи ги најновите тензии на Косово, особено откако владата во Приштина испратила неколку стотици припадници на своите безбедносни сили на северот каде што доминира српското население што според Белград не е во согласност со меѓусебните договори постигнати со посредство на ЕУ и САД, Вучиќ во обраќањето до јавноста реч дека „текстот е усогласен“, а одлуката за барањето на српската влада ќе биде усвоена „во понеделник или вторник“.

Резолуцијата 1244 на Советот за безбедност при Обединетите нации од јуни 1999 година со којашто се бараше крај на судирите на Косово и Метохија и повлекување на војската и полицијата на тогашната СР Југославија од покраината, дава можност под одредени посебни услови дел од тој безбедносен персонал да може да се врати „со надзор на меѓународна безбедносна присутност и ограничен договорен број“. Притоа има различни толкувања, од Приштина тврдат дека станува збор за неколку стотици, а во Белград дека се однесува на до илјада припадници на српските безбедносни сили.

Вучиќ вечерва цитираше дел од Резолуцијата 1244 во кој се наведува дека „на договорениот број српски воен и полициски персонал ќе ми биде дозволено да се врати на Косово и Метохија за да извршуваат должности како што тоа е наведено во Анексот 2“ од Резолуцијата.

„Од правна гледна точка, тука не може да има поинакво толкување.. и ова барање мора да биде прифатено. Јас, секако, немам никакви илузии и однапред ви кажувам дека тие ова барање ќе го одбијат“, рече Вучиќ.

Во врска со најавата на Приштина дека на 15-ти декември ќе поднесе официјално барање за прием во Европската унија на Косово, Вучиќ оцени дека „секако тоа не е добра одлука“, ниту дека е во согласност со членот 49 од Договорот за ЕУ, според кој прием може да бараат „само суверени и независни држави, а не оние кои не ги признава повеќе од половина свет“.

Со тоа алудираше дека независноста на Косово не ја признаваат повеќе од половината членки на ОН, а Белград последните месеци тврди дека има уште најмалку десетина земји кои го повлекле своите признавање но сѐ уште јавно не го објавуваат.

Српскиот претседател дека поради тоа упатил поединечни писма до челниците на петте земји членки на ЕУ кои не ја признаваат независноста на Косово во кој истакнува дека Приштина со одлуката да бара прием во ЕУ ги „прекршила Вашингтонскиот и Бриселскиот договор“.

Поединечните писма им се упатени на челниците на Грција, Кипар, Романија, Словачка и Шпанија.

Тензиите на северот на Косово последните месеци се водат и покрај неуспешните обиди, во прв ред на ЕУ, во преговорите за нормализација на односите меѓу Белград и Приштина, особено откако косовската влада ја води премиерот Албин Курти, кој инсистира на промени на регистарските таблички на српските жители во регионот околу Митровица, што за српската страна е нелегално и бара да се основа договорената Заедница на српски општини што Курти го одбива.

Тензиите се зголемија уште повеќе откако Курти, и покрај забелешките од Вашингтон и Брисел, тргна во остварувањето на највеното, по што српските претставници ги напуштија косовските институции, вклучително и оставките на четворицата градоначалници во мнозински српските општини на северот, како и повлекување во знак на револт на српските полицајци.

Косовската влада распиша избори локални избори на северот за 18-ти август, што доведе до нови тензии поради што претходно во саботата претседателката Вјоса Османи ги одложи за април.

Српските градоначалници во општините на северот на Косово, заедно со локалните судии и околу 600 полицајци, поднесоа оставки во ноември во знак на протест поради одлуката да се заменуваат регистарските таблички издадени од Белград со оние издадени од Приштина, кои не се и меѓународно признати, што им овозможува на косовските Срби само да патуваат неколку околни земји.

Србите од северот во саботата ги блокираа главните патишта во областа во знак на протест против апсењето на поранешен припадник на косовската полиција, кој ја напушти својата функција минатиот месец заедно со другите етнички Срби.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.