Србија ќе го разгледа враќањето на безбедносните сили на Косово

Околу 300 до 350 припадници на косовската полиција, вклучително и припадници на специјалните единици со долги цевки под целосна воена опрема и со оклопни возила, синоќа влегле од Јужна во Северна Митровица, и се распоредиле низ градот, изјави Директорот на Канцеларијата за Косово и Метохија Петар Петковиќ, реагирајќи на вонредна прес-конференција пред полноќ, и најави дека Србија ќе го разгледа враќањето на до 1.000 припадници на армијата и полицијата во согласност со резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на Обединетите нации, јави дописиникот на МИА од Белград.

-Тие буквално ја окупираа и блокираа цела северна Митровица и на крајот се стационираа во етнички мешаните населби. Имено, како причина за упадот на албанската полиција на север беше наведено дека Албанците кои живеат во мешаните средини наводно се исплашени поради тоа што се случува на северот на Косово и Метохија, рече Петковиќ, наведувајќи дека пред два дена на север се случило „насилството на Албин Курти и неговиот начин на пресметка со Србите“.

Според Петковиќ, целта на премиерот на Косово е „со долги цевки да се наметне одржувањето на нелегални избори“ во четири општини на северот на Косово.

Тој им порача на западните земји дека законот мора да се почитува, и дека албанската полиција од југ, според точка девет од Бриселскиот договор, нема право да биде присутна на северот на Косово.

Тој најави дека претседателот на Србија, Александар Вучиќ, во наредните денови ќе има важни средби и за се ќе ја информира јавноста.

-Сега имајќи предвид дека Курти сака да испровоцира насилство и да ги протера Србите од Косово, Белград ќе размисли за враќање на до 1.000 наши безбедносни сили на Косово според резолуцијата 1244 на Советот за безбедност на ОН, член 4 и член 6, анекс 2. Ние нема да дозволи нова Олуја и протерување и страдање на нашиот народ на Косово и Метохија, рече Петковиќ.

Како што додаде, оние на Запад, кои треба да ја вразумат Приштина, не го разбрале доволно она што го рекол Вучиќ, дека нема да дозволиме страдање или прогон на нашето население.

-Се надевам, рече Петковиќ, дека по оваа вечер, тие што треба да го вразумат Курти ќе разберат што значат зборовите на Вучиќ, порача Петковиќ

„Сакаме да го зачуваме нашиот народ и нема да дозволиме никој да го прогонува, убива и малтретира. Нека внимаваат оние на Запад и оние со кои разговараме од западните земји, а пред се менторите на независноста на Косово да не бидат изненадени од одлуките на Белград. Не сме ние тие што се занимававме со провокации, го прекршивме Бриселскиот договор, ниту оние кои не сакаат нормализација на односите. Сето тоа го прави Албин Курти, рече Петковиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.