Србија ќе го враќа задолжителниот воен рок

Генералштабот и министерот за одбрана изнесоа убедлив аргумент дека треба да се врати задолжителниот воен рок. Но, треба да се исполнат многу финансиски, логистички и други претпоставки, рече денеска српскиот претседател Александар Вучиќ на состанокот на кој беа презентирани резултатите од анализата на оперативните и функционалните способности на вооружените сили на Србија за 2023 година.

„Сите предлози треба да ми бидат доставени до 1 мај, потоа ќе седнам со воениот кабинет и со Генералштабот, со владата на Србија и да видиме што ќе одлучиме. Ако има позитивна одлука, таа би отишла пред парламентот на Србија“, изјави Вучиќ.

Српскиот претседател најави дека во следниот период ќе има, како што посочи, „доктринарни промени“.

„Ќе видиме дали воената служба ќе биде за 90 или 100 дена, или можеби 110 дена. Како и кога ќе биде, како ќе ги исполниме финансиските и логистичките претпоставки, ќе разговараме во следниот период“, изјави Вучиќ.

Според него, на состанокот биле презентирани резултатите од Војската на Србија за 2023 година, а било констатирано и дека армијата не само што ги задржала, туку и ги подобрила своите оперативни способности во претходната година.

„Значително ги подобривме можностите, но скапо го плативме финансиски. Оваа и следната година ќе платиме многу повеќе“, изјави Вучиќ.

Инаку, задолжителниот воен рок во Србија беше прекинат во 2011 година. Тогаш тој траеше шест месеци.

Според изјавите на министерот за одбрана Милош Вучевиќ, воениот рок би траел четири месеци, односно не подолго од четири месеци.

„Враќањето на задолжителниот воен рок не е подготовка за војна, туку е подготовка да се спаси државата и да има генерации кои знаат да ја бранат својата земја“, изјавил Вучевиќ.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.