Србија ќе гради брза пруга од Белград до Ниш

Српската вицепремиерка и министер за градежништво, транспорт и инфраструктура, Зорана Михајловиќ, изјави денеска дека Србија инвестира вкупно околу 6,5 милијарди евра во модернизација на железничката пруга и дека е планирано да се изгради брза пруга од Белград до Ниш, јави дописникот на МИА од Белград.

-Србија е транзитна земја и за да се поврзе со регионот, не е доволно да имаме брза пруга само преку Војводина. Планот е да се изгради брза пруга и од Белград до Ниш за брзина до 200 километри на час, а од Ниш до Прешево за брзина до 160 километри на час. Тоа ќе биде огромна инвестиција, вредна околу две милијарди евра, изјави Михајловиќ во соопштението од нејзиниот кабинет.

Таа оцени дека работите на делниците на брзата пруга кои во моментот се во изградба добро напредуваат и оти очекува во септември следната година од Белград до Нови Сад со воз да се патува околу половина час.

Михајловиќ додаде дека на брзите пруги нема да има вкрстување на патиштата и пругите, што е важно за поголема безбедност во сообраќајот, додека од друга страна, се инвестираат околу 15 милиони евра за уредување на железничките премини на регионалните пруги.

Доколку преземете содржина од оваа страница, во целост сте се согласиле со нејзините Услови за користење.